Охридскиот пливачки маратон го нема во календарот на трки за овогодиншната Гран при-серијата на пливачки маратони. На официјалната веб – страна на Светската пливачка федерација – ФИНА објавен е распоредот а Гран при-серијата почнува на 24 јануари со трката во Розарио, Аргентина.


Охридскиот маратон по возобновувањето во 1992 година се одржуваше во август, во последните неколку години се одржуваше во средината на јули, за време на шпицот на туристичката сезона.

Од Пливачката федерација на Македонија, велат дека нема место за загриженост затоа што ќе се потрудат
маратонот дополнително да го уфрлат. ПФМ не го потврдила одржувањето на
маратонот во ФИНА и затоа оттаму не го ставиле во календарот.

Сезонава серијата ќе заврши во Дубаи на 27 октомври. По првата трка во Росарио, се плива во Санта Фе (31 јануари), па во Хернандариас-Парана (7 февруари). Обете се во Аргентина. На 17 април се плива во Сумидеро, Мексико. Трката Капри-Наполи е на 20 јуни, на 31 јули е канадската трка во Лак Сен Жан. Шабац е предвиден за 1 август, а на 7 август се плива во Лак Магог, Канада.

М.П.