Охридски пливачки маратон ќе има, најавија денеска на заедничка пресконференција градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и првиот човек на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски.
Неизмерна е задоволството и среќата што ги чувствувам воден од овој факт, рече градоначалникот Пецаков.
Охридскиот пливачки маратон не е само спортска манифестација, тој е многу повеќе од тоа. Водени од помислата дека маратонот опстоил повеќе од 60 години, и во можеби потешки времиња од овие денеска, како и дека во него животен труд вложиле плејада охриѓани, успеваме да ги надминеме препреките.-додадетој.
Охридскиот пливачки маратон е традиција и токму традициите ги одржуваат луѓето во тешките мигови, истакна Пецаков.
После вчерашниот ден каде имавме координативен состанок на сите засегнати во спортот во Охрид, произлезе заклучокот дека сепак Охридски маратон ќе има, на што следеше и состанокот со директорот на Агенцијата за млади и спорт. Наградниот фонд на Охридскиот пливачки маратон од 10 000 евра ќе биде покриен од страна на Агенцијата за млади и спорт, а за целиот останат трошок поврзан со одржувањето на маратонот, Советот на Општина Охрид ќе донесе Одлука за доделување на 2 000 000 денари од страна на Општина Охрид. Бидејќи сметката на Пливачката федерација е блокирана средствата ќе се префрлат на охридскиот пливачки клуб и врз основа на тоа ќе може да се организира Охридскиот пливачки маратон, рече Пецаков.
Додаде дека Пливачката федерација е информирана да ги извести пливачите за условите кои ќе бидат обезбедени и сите услови кои ќе ги имаат од нивното пристигнување во Охрид, потенцирајќи дека добиваат позитивни одговори, но точната бројка сеуште не се знае.
Ќе учествуваат околу 20-тина пливачи, а кога ќе имаме точна потврда ќе ја прецизираме бројката. Настрана од сите работи кои ги обезбедивме како институции многу бизнисмени охриѓани и надвор од Охрид се понудија да помогнат на Охридскиот маратон и би кажал дека оваа желба и порив којшто се роди посебно кај самите охриѓани ни дава за право да кажеме дека оваа институција буквално нема да згасне. Иднината е светла на Охридскиот пливачки маратон и уште од наредната година ние како Општина Охрид заедно со Советот на Општина Охрид ќе продолжиме во иста па дури и поголема форма да го поддржуваме, а со тоа и да постои онака како што заслужува, додаде Пецаков.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, потенцираше дека Агенцијата заедно со Владата ќе застане зад Охридскиот маратон.
Дефинитивно овие проблеми кои се настанати не се од сега, а тие се дирекно и исклучиво само на Пливачката федерација. Не може сите обврски кои се под нивна надлежност да се тргаат и да се ставаат под тепих. Агенцијата за млади и спорт ќе го обезбеди наградниот фонд, сместувањето и се пропратно кое ќе произлезе. Не знаеме точно колку средства ќе требаат, прво треба да видиме колку се ќе чини. На средба пред десетина дена со Пливачката федерација кажуваа цифри од ракав вадени, се надевам дека ќе имаме и подетална бројка од пливачи кои ќе учествуваат. Оваа година маратонот ќе биде малку подоцна поради тоа што сите натпреварувачи во моментов се на Европско првенство во Италија, а потоа е и маратонот во Капри кој завршува околу 5-6 септември, па се надевам дека викендот на 10-11 септември ќе биде маратонот во Охрид. Се надевам дека Охрид викендот ќе биде полн, времето топло и ќе имаме масовна спортска манифестација како што беше, рече Мојсоски.
Охридскиот маратон, додаде Мојсоски, оваа година нема да биде во календарот за бодување на ФИНА, бидејќи Пливачката федерација не го пријавила, потенцирајќи и дека веќе е побарана одговорност.
Се надевам дека само традицијата нема да згасне. Охрид го заслужува тоа и ќе го добие својот маратон. Одговорност веќе е побарана од Пливачката федерација. Долговите и блокираната сметка во Пливачката федерација се од 2012 година и настанати се од периодот кога Македонија носеше ватерполисти од надвор и се даваа минорни средства за плати и оттогаш долгот од 45 000 евра со камати е стигнат до 70-80 000 евра. Имаше можност тоа да се надмине, но секој нов претседател на федерацијата мораше да се позанимава со стариот долг. Агенцијата или државата може да го помага новиот дел кој е поврзан со пливачите, настапите на Европско и Светско првенство и Охридскиот маратон, но стари долгови законски не смееме да покриваме. Ден денес од Пливачката федерација велат ние стари долгови не плаќаме. Треба да се вложуваат средства во самата федерација. Одговорност ќе се побара од сите, влезена е финансова полиција, се бара одговорност и од претходниот претседател Александар Маленко, зошто дојде пријава пред десетина дена од хотел „Метропол“ каде не е платено од минатата година, спроведена е веќе постапка, додаде Мојсоски.
На новинарско прашање дали при вчерашната посетата на Струга претседателот на државата Стево Пендаровски при присуството на Струшкиот ракометен турнир побарал средба со охридскиот градоначалник, Пецаков негира.
Мојсовски од своја страна појасни дека шефот на државата присуствувал на турнирот во Струга на негова покана „за да разговараат за Охридскиот пливачки маратон“.
Пецаков потенцираше и дека ќе се најде начин да се исплатат наградите кои изминативе две години не се исплатени.
Инаку, со овој маратон ќе се одбележи 60 годишниот јубилеј на Охридскиот маратон.
Н.С.Ј
фото. А. Момироска