Викендов во КИЦ „Култура 365“ се одржа литературна средба во чест на охридскиот писател Димче Маленко.
Пред присутните, меѓу кои членови на неговото семејство и почитувачи на неговиот лик, м-р Лидија Размоска се осврна на неговото книжевно творештво кое се одликува со специфичност во раскажувањето.
„Темата е од Народнослободителната војна и не од шумите и силните битки, туку од заднината и од општоста. Запишувајќи ги своите размислувања за тогашните настани и случувања, авторот излегува од рамката во која се опишува револуцијата и ја прикажува еволуцијата на живеење во услови на, цитирам, 2-рата светска захладија, светска испокинатија.“ – рече Размоска.
Како што таа објасна, во сите дела на авторот Маленко извлечени се моменти од охридското социјално и културно опкружување со единствена порака, тоа богатство никогаш да не отиде во заборав.
„Авторот Димче Маленко како типичен претставник од охридската класика, како човек кој се борел за зачувување на автентичното свое раскжаување, ги презентира традиционалните одлики на своите сограѓани, честопати шеговито, но секогаш повеќе со љубов, отколку со иронија. Читајќи ги делата на Маленко, несомнено ќе се судриме со еден несекојдневен стил, невообичаена парадигма карактеристична само за него, а дефинирана само со едно име, димчемаленкова приказна.“ – потенцира Размоска.
Говорејќи за ликот на авторот, Размоска истакна дека Маленко останал да стои достоинствено со официјално искажаното милсење на отпор и спротиставеност, кое во тоа време било еднакво на трагичен хероизам.
„Токму во таков контекст било и неговото обраќање до големците во издаваштвото во периодот на седумдесетите и осумдесетите години од минатиот век. На негов својствен начин се обраќал преку писма до редакции на тогашните издавачки куќи од кои очекувал да го прифатат неговото барање и да го објават неговиот последен роман. Писателот ги прима врз себе сите прекорувања со сатирични и неверојатни ситуации, манифестира преку нивниот медиокритетски однос, останал да стои достоинствено со официјално искажаното мислење на отпор и спротиставување, кое во тоа време било еднакво на трагичен хероизам.“ – истакна Размоска, објаснувајќи дека авторот 20 години се обидувал да го прикаже пред читатели своето животно дело, романот „Вознемирен водосвод“, кој постухмно е издаден во 1994 година од страна на Радио Охрид, а во редакција на членовите на списанието за литература „Спизалит“.
Димче Маленко (1919-1990) е охридски писател кој оставил трага во македонската литература со своите дела: „Самуил и Прокуденик“, „Унер“, „Слободољубни човекољупци“ (1972), „Паркот на Јоновци“ (1973), „Маченици“ (1983), „Охридска народна песна и приказна“ (1989), „Вознемирен водосвод“ (1994 постумно).
Работел како просветен, културен и општествено – политички работник.
O.T.