Исмејувањето на политичките настани, револтот кон некултурата и иронијата на  секојдневието, се главните одлики по кои е препознатлив охридскиот панк бенд „The Author“. Надминувајќи ги сите бариери кои изминативе седум години им стоеа на патот, за периодот кој ни претстои го најавуваат својот прв деби албум. 

Оваа четиричлена музичка „банда“ зад себе има оставено повеќе од 16 музички записи, остварувајќи голем број настапи низ целата земја. Нивниот препознатлив звук е уникатен за нашите простори, а во моментов ги овековечуваат песните во сопственото музичко студио.

Како бенд постоиме од 2006 година. Почетоците ни се сосема спонтани, а како секој тинејџер имавме желба да ја создаваме музиката која ја слушаме. Иако на патот од секој млад музичар стојат бариери, со текот на времето успешно ги надминавме. Членовите на бендот се менуваа, се додека не дојдвоме до она што го имавме замислено на почетокот.“ – вели вокалот на охридскиот бенд Д Аутор, Ѓоргија Паунковски.

Нивната инспирација доаѓа од секојдневните настани, со кои човекот е преокупиран. Тематиката која е опфатена во песните е различнна, почнувајќи од политиката па се до некултурата на граѓаните. „Правецот кој го свириме е доста уникатен. Ние го нарековме лиду-панк. Преку песните, на еден начин ги исмејуваме секојдневните настани кои ни сметаат. Во главно ја истакнуваме таа иронија со која се среќаваме, а често во песните ги споменуваме нашите локални „легенди“. Инспирацијата како спонтан процес, не бира време и место кога ќе дојде. Може тоа да биде преку ден, на утро или преку вечер.“ – вели еден од гитаристите на бендот, Никола Дуклески. 

Овој охридски состав, како и многуте бендови од земјава се соочуваат со слични проблеми. Ако за некого опремата претставува хендикеп, различните краеви во кои што студирале момците од Д Аутор, ги остава без официјално издаден албум во изминативе 7 години.

Имаме околу 16 песни, кои никогаш не ги имаме официјално издадено. Како и секој бенд од земјава, на почетокот се соочувате со недостиг од опрема. Со тек на време овој проблем се надминува, но студирањето на различни краеви го отежнува процесот на снимање. Тоа беше застојот, поради кој не успеавме да извадиме официјално цд. Овој хендикеп се надмина, од проста причина што ги завршивме студиите надвор од родното место.“ – додава Дуклески.

Деби албумот кој најверојатно треба да излезе за неколку месеци, ќе опфати 9 музички записи кои се сосема нови. Тие се снимаат во музичкото студио од бендот, кое е направено специјално за потребите на оваа музичка група. „Новите песни кои во моментов ги работиме, ќе бидат опфатени во деби албумот. Песните во глобала, ги снима и продуцира нашиот гитарист Никола, кој веќе некое време се занимава со оваа професија. За добра снимка потребно е повеќе време, бидејќи процесот не е воопшто лесен. “ – истакнува Паунковски.

Иако се невработени, момците од бендот викаат дека се имуни на најновиот вирус наречен „политика“. Досега имаат голем број настапи во повеќе градови од земјава, а соработуваат со бендови од Охрид и околината.

Можеме да кажеме дека во овие шест-седум години имаме настапувано на многу места. На неколку наврати имаме учествувано на повеќе  фестивали и хуманитарни свирки во Охрид, Скопје, Битола и Струга. Во моментов имаме соработка со Маца од Бед Контракт, за новата песна која ја спремаме. Тука се и соработките со нашиот побратимски бенд Комунална Хигена, потоа битолските Кактус и Спенк, односно локалната легенда Роберт Сошански.“ – велат момците од овој охридски бенд.

Покрај албумот, „The Author“ за летниот период најавуваат турнеа ширум земјава. Преку нивните амбиции  посакуваат да ја промовираат музиката која долго време ја слушаат и творат. На своите подржувачи им ги честитаат празниците, а на младината им препорачуваат да останат имуни на политиката.

Премногу тешко е кога сам твориш, работиш и менаџираш. Но ако сакаш да напредуваш, мора да има некој кој ќе те подржи. Условите се тешки, но се ќе си дојде во свое време. Сакаме да ги поздравиме сите наши подржувачи, кои секогаш не следат каде и да свириме. На охриѓани им ги честитаме празниците, со надеж за повеќе успеси и среќа.“ – завршуваат членовите на охридскиот бенд „Тhe Author“.

О.Т.