Охридскиот музичар Митко Колјушевски, кој веќе половина век се занимава со музичко творештво, деновиве пријатно не изненади со балада полна емоции, насловена како „Животот е лото“.
Музиката и текстот се на Митко Колјушевски, аранжман и оркестрација на Бојан Џулеиќ, а песната е снимена деновиве во охридското студио „Китрозон“.
Инаку, Колјушевски се потпишува како автор на повеќе новокомпонирани македонски песни, меѓу кои и сега веќе легендарната староградска песна ,,Стариот фенер”.
Во својата музичка кариера тој е дел од повеќе групи со кои забележува значајни успеси. Тој е некогашен член и еден од основачите на познатиот охридски ансамбл „Цар Самуил“ , кој своевремено зема учество на повеќе фестивали во земјава и издаде неколку албуми. Во биографијата на Колјушевски се запишува и дека е основач и член на групата „Конак“ со која издава албум, а исто така подоцна ги основа групите „Езерски вез“ и „Романса“ каде настапува како вокалист и гитарист.
Својот потпис го става и на повеќе детски песнички за охридските детски фестивали, а втора љубов, после музиката му е пишување поезија и афоризми. Иако веќе навлегува во осмата деценија од животот, тој вели дека во блиска иднина ќе следат нови проекти.
K.A.