Основните судови низ земјава минатата година од примени вкупно 578 577 предмети, решиле 96,5 проценти или 558 336 предмети, со просечно време на решавање на предметите од 74,8 дена. На почетокот на годината имале 93 072 нерешени предмети од претходниот период, додека на крајот од годината го зголемиле тој број за дваесет илјади на 113 313. Кај второстепените пак, ажурноста била речиси двојно полоша, односно просечното време за решавање на предметите на апелационите судови низ земјава по предмет бил 146,79 дена или нешто помалку од пет месеци. Бројот на нерешени предмети го зголемиле за две илјади од 9 225 на почетокот на годината, на 11 264 нерешени предмети на крајот од годината, објави државната новинска агенција МИА.

Минатата година во земјава имало вкупно 391 судии. Тоа значи по 21 судија на 100 илјади жители, што е во рамки на европскиот просек. Но, бројот на судии во земјава од година, во година постојано се намалува, па така, од 493 во 2020 година, е намален на 473 во 2021, па на 449 судии во 2022 година.

Во просек за решавање на предметите граѓаните чекале од 20 до 200 дена

Според Извештајот за работата на судовите во 2023 година сите основни судови решиле вкупно 558 336 предмети, со просечна стапка на решени предмети од 96,50 проценти. Просечно за решавање на предметите на судовите им требало по 74,08 денови.

По апелациони подрачја ажурно е само Гостиварското, со стапка на решени предмети од 100,48, а истовремено и со најмало просечно време за решавање предметите – 39,72 дена. Сите останати се неажурни. Најнеажурно е Битолското со стапка на решени предмети од 93,79 проценти, а истовремено и со највисоко просечно време за решавање на предметите 118,62 дена. Речиси три пати повеќе од Гостиварското.

Скопското апелационо подрачје има стапка на решени предмети од 94,84 проценти и просечно време за решавање на предметите од 79,48 дена. Штипското апелационо подрачје има стапка на решени предмети од 98,95 проценти и просечно време на решавање на предметите од 63,77 дена.

Во просек најмногу време за решавање на предметите му биле потребни на Управен суд – 206,76 дена.

Од Основните судови, најмногу време за решавање на предметите им требале на ОС Прилеп – 205,73 дена, Основниот граѓански суд Скопје – 161,25 дена и Основниот суд во Охрид – 146,54 дена. Повеќе од три месеци за решавање на предметите им биле потребни и на ОС Струга – 142,22 дена, ОС Крушево – 115,93 дена, ОС Крива Паланка – 107,51 дена, ОС Радовиш – 102,41 дена и ОС Делчево – 102,15 дена. Тука, треба да се нагласи дека основните судови во Прилеп и Струга работеле само со една петтина од потребниот број на судии, се наведува во истражувањето на МИА.

Најажурни биле Основниот суд во Дебар и Основениот суд во Гевгелија каде во просек за решавање на предметите им требало по 13 дена. Помалку од месец за решавање на предметите им требало и на Основниот суд Виница – 21,04 дена, ОС Кавадарци – 21,08 дена, Основниот суд Тетово – 22,97 дена и Основниот суд Кратово – 27,37 дена. Интересно е дека во сите овие судии работеле со над 60 проценти пополнетост, освен основните судови во Кратово и Виница кои работеле со една третина од потребните судии.

За судскиот систем одвојуваме 19 евра по глава на жител – четири пати под европскиот просек

Последниот достапен извештај на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) за судските системи од 2022, со податоци од 2020 година покажува дека земјава е далеку под европскиот просек според буџетот што го одвојува за судскиот систем – 19,27 евра по глава на жител, наспроти 78,09 евра по жител на ниво на Европа. Но, во однос на процентот на БДП што се одвојува на судскиот систем со 0,37 проценти од БДП е малку над европскиот просек од 0,35 проценти од БДП-то.

Александар Атанасов/МИА