Од осамостојувањето до денес постојано има обиди за присвојување и не само на македонската историја и нација, туку и на традициите, културата, уметноста, па дури и на национални јадења и на автохтони видови животни кои од памтивек живееле на овие простори. Таков е примерот и со автохтониот вид гулаб познат како Охридскиот летач – Типлер кој лесно може да ни „одлета“ доколку не се заштити соодветно, предупредува Тане Србиноски – претседател на клубот на Македонски автохтони видови на гулаби со седиште во Охрид и меѓународен судија за изглед на птици.

Не би сакал да ни се случи нешто како во кинолошкиот дел со шарпланинецот, во храната со ајварот и други наши нешта кои ни ги присвојуваат, затоа што сум сведок како во Европа идентични птици на нашите се прикажуваат под туѓо име. Се додека не добиеме код број од Европската асоцијација ќе се соочуваме со такви проблеми. – предупредува Србиноски.

Во моментов интензивно се работи на сертифицирање на Охридскиот летач – Типлер – автохтон вид на гулаб, за што е изработен предлог стандард кој треба да биде верификуван од надлежната Европска комисија, како прв чекор кон признавање на оваа птица со засебни карактеристики во евроопски рамки. На овој начин, смета Србиноски, ќе се заштити овој автохтон вид гулаб кој е препознатлив белег на Охридскиот регион.

За една птица да биде прогласена за посебен вид мора да има минимум три уникатни карактеристики својствени само за неа, што ќе ја издвојат од другите птици од истиот вид кои живеат во други подрачја, посочува Србиноски.

На неодамнешната Европска изложба на птици од балканот, што се одржа во Тешањ, Босна и Херцеговина, Охридскиот Типлер – Летач беше презентиран пред претседателот на гулабарската секција при Европската асоцијација, Аугуст Хефемберг, додека,  пак, во натпреварувачкиот дел Македонскиот дунек, автохтон гулаб од овие краишта, се закити со шампионско признание.

Г. Момироски