Состојбата со новиот вирус од типот А – H1N1, во Охрид постојано се следи и е под контрола, информираат од локалниот Кризен штаб за заштита од пандемски грип, кој денеска одржа координативен состанок.

На состанокот на кој присуствувале раководителите на јавните здравствени установи и претстaвници на Локалната самоуправа и државниот пазарен инспекторат, бил разгледан  Акциониот план  за справување  со грипот, и биле дадени насоки на дејствување.

Од Кризниот штаб информираат дека во Охрид и државата не е регистриран ниту еден случај на заболен од новиот вирус од типот А, но се преземаат сите неопходни мерки на превенција. Особено се води внимание при влегувањето на патници во земјата, поради што на аеродромите и граничните премини е засилен надзорот на лицата  кои доаѓаат од кризните региони.

Иако од светот стигнуваат смирувачки тонови, СЗО и натаму предупредува на опасност од пандемија. Мексико заклучно со денеска пријавил 590 потврдени случаи на инфекција кај луѓето, вклучувајќи 25 смртни случаи. Зголемувањето на случаите во Мексико е поради добивањето на резултатите од тестирањето на  претходно земените примероци. Владата на САД пријавила 226 лабораториски  потврден случај кај луѓе, вклучувајќи еден смртен случај.

Лабораториски случаи без смртен исход пријавиле и: Австрија (1), Канада (85), Хонг Конг спец. административен регион НР Кина (1), Коста Рика (1), Колумбија (1), Данска (1), Ел Салвадор (2), Франција (2), Германија (8), Ирска (1), Израел (3), Италија (1), Холандија (1), Нов Зеланд (4), Република Кореа (1), Шпанија (40), Швајцарија (1) и Велика Британија (15).

Од СЗО информираат дека не постои ризик од инфекција од вирусот заради консумирање на добро зготвено свинско месо и производи од свинско месо.Се смета за разумно, препорачуваат од СЗО,  лицата што се болни да го одложат меѓународното патување, а на останатите им се советува редовно и темелно да ги мијат рацете со вода и сапун и да побараат медицинска нега во колку развијат симптоми на болест слична на инфлуенца. СЗО не советува ограничување на редовните патувања ниту затварање на границите.

Ohridnews