Градскиот хор кој опстојува повеќе од три децении, синоќа во Центарот за култура одржа годишен концерт, под диригенство на професор Бурим Хидри.

 

Љубителите на хорското пеење имаа можност да ја слушнат изведбата на десет разновидни композиции, меѓу кои преработки на народни песни, класични, современи, сакрални, како и преработки на забавни композиции.

На годишниот концерт премиерно беше изведена и композиција од охридскиот, познат композитор со големо реноме во светски рамки, Гоце Гаврилоски. Се работи за преработка на народна песна со која на меѓународен конкурс во Русија има освоено прва награда во категоријата- народен текст. Песната која првично беше изведена во Русија од страна на женски хор, сега авторот специјално ја преработи за охридскиот мешан хор. 

Во градскиот хор, покрај помладите членови, има и охриѓани кои се дел од него повеќе од една деценија.Како што тие потенцираат, најважно е да се има љубов кон хорското пеење кое облагородува.

Наредниот викенд, хорот ќе учествува на реномираниот фестивал во Тетово каде ќе биде изведен дел од репертоарот од годишниот концерт одржан во Охрид.

OhridNews