“Останувам на изнесениот став и убеден сум дека ми се прислушкуваат телефоните и дека во мојата канцеларија има таканаречени “бубачки“ за прислушкување, а целта што тоа го изнесувам во медиумите е да знаат граѓаните дека и тие се прислушкувани кога разговараат со мене на телефон или во мојот кабинет“, изјави денеска градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Петрески вели дека не му е јасно зошто на неговата вчерашна изјава во која тврдеше дека е прислушкуван реагирал портпаролот на МВР и зошто како што рече му била упатена закана дека ќе му биде поднесена кривична пријава. “Јас не посочив кој и со која цел ме прислушкува“ рече Петрески.

Во врска со барањето на МВР дека доколку има сознанија и докази за прислушувањето истите треба да ги достави до службата, Петрески рече дека не е тој кој треба да истражува и докажува и дека тоа е задача на органите кои треба да го направат тоа.

Охридскиот градоначалник вели дека има сериозни сознанија дека е прислушуван но нема намера да истражува кој тоа го прави. „Јас не посочив никого, не мислев и не реков дека МВР тоа го прави, ниту го повикав министерството, и не знам зошто тоа се јави“, рече Петрески.

Петрески вели дека не знае кој би можел да го прислушкува. “Во јавноста, во парламентот и секаде се зборува дека во Македонија многу субјекти имаат апарати за прислушкување и тие што треба и тие што не треба, но не знам која е целата и зошто јас сум прислушкуван, бидејќи нема причини за тоа“, рече Петрески според кого надлежните органи треба да истражат кој го прислушкува охридскиот градоначалник.

Г. Момироски