Охридскиот гитарист Мартин Милески, кој јавноста го познава по преработките на популарни синглови од повеќе жанрови, деновиве објави прекрасна преработка на песната „Кој да ми запее“ од Каролина Гочева.

-Со музика се занимавам веќе долго време, настапувајќи како соло гитарист и со бенд. Други мои преработки може да се најдат на мојот официјален YouTube канал. Веќе започнувам со работа на мојот прв авторски албум кој ќе се состои од нумери во етно-рок и блуз фазон, а исто така имам и соработки со познати македонски изведувачи кои не би сакал да ги именувам додека официјално не се формираат тие проекти, вели Мартин.

За инструменталната преработка на хитот од Каролина е изработен и видео-запис кој ги покажува неоткриените убавини на Охрид и околината. За снимањето на видео спотот, чија подготовка траела околу седум недели, бил задолжен Кристијан Љушев, монтажата и режијата се на Влатко Дојчиноски, а моделот во спотот е Мартина Балеска. Изведбата на гитара е снимена во студиото на Гоце Симоноски, а поддршка за реализацијата пружила „Авалон продукција“ и Николче Мицески.

Инаку во текот на изминатиот период, Мартин Милески претстави неколку преработки на познати хитови како Hello на Adele, Flashlight на Jessie J, See you again – Wiz Khalifa, Hollow Years на Dream Theater , Insomnia – Faithless и други.

OhridNews

Фото:Томе Љушев