Овие денови култниот клуб “Jazz Inn” е организатор на повеќе културни настани кои предизвикаа голем интерес кај oхриѓани како и кај туристите. Во петокотот гостуваше охридскиот илузионист Филип Петрески кој ја воодушеви публиката во неговиот 2-часовен соло настап. Вчера вечер, настапија охридските професионални актери Никола Тодоровски и Стрезо Стаматовски со проектот “Two Mothers Brothers” којвеќе подолг период е омилен на публиката. Вечерва на програмата е соло концертот на бразилскиот гитарист Лео Асунсао (Leo Assuncao) кој ќе настапи со музички композиции од неговиот крај во стилот на бразилската самба и боса нова. Бразилецот со своите вештини на аукустичната гитара и со својот ангелски глас ќе проба да ја доведе публиката до многу пријатни и романтични чувства. Концертот започнува во 21:00 часот. Картите за влез изнесуваат само 100 денари, а истите може да се купат во музичката продавница ЗЗ-Топ и на самиот влез во клубот Џез Инн.

Џез Инн приредува и едно огромно изненадување за четврток, 8-ми мај, кога со почеток во 21:30 часот гостува една од легендите на Џез музиката во САД, флејтистот и композитор Џејмс Њутн со неговиот новооснован бенд – УКЛА Чарлс Мингус Ансамбл од САД, составен од 7 млади музичари кои ќе изведуваат џез композиции во една релаксирана атмосфера со слободни импровизации и ќе се потрудат на публиката да им го доловат оригиналниот американски Би-боп стил.

Картите за влез на овој концерт може да се купат во ЗЗ-Топ и Џез ИНН и изнесуваат 200 денари.