Охридскиот Чинар  на плоштадот „Крушевска република“ веќе неколку години се наоѓа во очајна состојба, откако претрпе сериозни оштетувања под влијание на обилните врнежи од дожд и снег во декември 2012 година. И покрај најавите и направените теренски анализи, надлежните се уште немаат преземено конкретни мерки за санација на скршената гранка на ова дрво, кое е заштитен споменик на природата и за кое се претпоставува дека е постаро од 1100 години.

Охриѓани коментираат дека жално е што Чинарот како најпрепознатлив симбол на Охрид  е оставен во ваква состојба.

-Недозволиво е скршената гранка од дрвото да стои толку долго време непоместена, ова е споменик на природата и надлежните требаше многу поитно да интервенираат. Според народните преданија и легендите, Охридскиот Чинар го засадил  Св. Климент Охридски и затоа има посебно значење за охриѓани. Ова дрво е сведок на целокупната охридска историја и сведочи за многубројните настани кои тука се случувале низ вековите, велат дел од постарите охриѓани со кои поразговаравме на оваа тема. Тие нагласуваат дека непоместената скршена гранка остава и лош впечаток кај туристите кои секојдневно го посетуваат Охрид.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираа дека во соработка со Локалната самоуправа на Охрид во неколу наврати има доставено мислење за потребата од навремено преземање на одредени санитарно-заштитни мерки за да се спречи настанување на било какви штети, како и да се овозможи непречено и безбедно движење на луѓето, но и да се зачува природноста на самото стебло.

-По известување од Градоначалникот на општина Охрид, во јануари 2013 година, претставник од Секторот за природа на Управата за животна средина при  Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со претставници од општина Охрид извршија стручен увид на состојбата кај Чинарот, на платановото стебло лоцирано на плоштадот „Крушевска република“ и уште на две платанови стебла во Охрид. Изготвен е записник од увидот со предлог за преземање мерки за нивно санирање и конзервирање, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оттаму објаснуваат дека препораките за санација се во насока на ангажирање на стручна служба за проценка на состојбата на стеблото, статичко обезбедување на истото како и употреба на соодветни средства за заштита како би се спречила можноста од евентуално напаѓање и развивање на одредени деструктори.

-Не треба да се занемари фактот дека станува збор за стебло на кое веќе се извршени одредени конзерваторски мерки, меѓутоа, како резултат на возраста на стеблото, тежината и поставеноста на стеблото, истото може да биде предмет на дополнителни оштетувања. Исто така во иднина не се исклучува можноста доколку успеат да се обезбедат  финансиски сретства да се преземат дополнителни конзерваторски активности во однос на утврдување на присуство на деструктори кои се потенцијална причина за појавата на трулењето како и чистење, премачкување и заштита на внатрешноста на самото стеблото, како и надворешноста изглед на истото, велат наделжните од Секторот за природа при Управата за животна средина, во рамки на надлежното министерство.

Охридскиот Чинар претрпе големи оштетувања во 2002 година, поради временските неприлики, по што беше извршена санација и конзервација на стеблото. Поради значителни оштетувања на стеблото, реконзервација беше извршена и јуни 2012 година како дел од Програмата за заштита на животната средина на општина Охрид, а ја изведуваа експерти-конзерватори од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Е.М