Извонредниот охридски актер и стендап комичар Никола Тодороски ја понесе престижната награда „Најдобар машки стендап комичар за 2013 година“ на првата интернационална манифестација Stand up Adria Awards 2014, која деновиве се одржа во Скопје. На манифестацијата беа доделени награди на стендап комичари од Македонија и од балканскиот регион.
Од Македонските стендап комичари награди понесоа Весна Петрушевска за најдобар женски комичар во 2013, Сашо Тасевски за најгледан стендап проект во 2013, Игор Џамбазов за животно дело во областа на стендап комедијата, Сашко Коцев за стендап суперстар, Тони Михајловски за стендап легенда на Македонија и Никола Тодороски за најдобар машки стендап комичар за 2013. Наградите беа доделени врз основа на претходни достигнувања на комичарите во 2013 и во претходниот период.
-Јас како стендап комичар добитник на наградата за најдобар комичар пред се сум среќен секако заради добивањето на наградата но она што ме прави повеќе среќен е што во Македонија стендапот како жанр си ја зазема се повеќе и повеќе заслужената позиција и мислам дека тоа е една од работите која може да ги обедини сите. На 21 Април изминуваат точно 3 години од мојот прв настап како стендап комичар и кога ќе се сетам дека за три години до сега имам преку 200 настапи тоа се многу изминати саати во кои публиката уживала заедно со мене. Да си виновник за 200 саати добро расположение на неколку илјади луѓе навистина е прекрасно чувство и комплимент за мене.-изјави за OhridNews Никола Тодороски.
Охриѓани веќе утре вечер (петок) ќе можат да уживаат во креативниот хумор на Никола Тодороски во урбесното кабаре „2 Mothers brothers“ во кое тој настапува заедно со уште еден исклучителен актер и миленик на охридската публика Стрезо Стаматовски.
Почетокот на кабарето кое ќе биде изведено во малата сала на Центарот за култура е во 20 часот. Билетите за настапот на „2 Mothers brothers“ можат да се набават на касата на Центарот за култура.
Местата се ограничени!
OhridNews