Поради густата магла Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, утрово беше затворен за сообраќај.
Утрово видливоста на аеродромот била само 200 метри, а според информациите од Секторот за сообраќај при аеродромот, минималната видливост на охридскиот аеродром е 4.000 метри.
Денеска во Охрид не се предвидени летови, а доколку временската состојба се подобри, во петок и во сабота аеродромот се очекува да ги прими двата авиона на МАТ од Тирана, односно од Љубљана. За сообраќај затворен е и Скопскиот аеродром, а синоќешните летови биле пренасочувани во Тирана.
Експертите појавата на магла во Охрид, што е реткост, ја објаснуваат со општата атмосферска состојба во земјата. Граѓаните пак сметаат дека појавата на магла се должи на претераната урбанизација на Охрид, особено на кејот и централното градско подрачје. Пред 6 години локалната самоуправа изричито најави дека нема да се дозволи урбанизација на кејот со високи градби за да не се затвори протокот на ветер, особено на „стрмецот“, но денеска во тој дел од градот има се повеќе високи згради што влијае на температурата во градот.
ohridnews