Охридскиот аеродром ги промовира новите, поевтини услуги. Тие се за цели 27% пониски од претходно, со што охридскиот станува најевтин аеродром во регионот.
Поевтинувањето на аеродромските услуги неодамна го најави Јавното претпријатие за аеродромски услуги. Предвидени се и дополнителни попусти за нови авио-дестинации, како и за летови кои заради лоши временски услови ќе се пренасочуваат од скопскиот на охридскиот аеродром. Владата најави и попуст од 100 проценти на аеродромот во Охрид за организирани летови за туристи со нивно сместување.
Според Јавното претпријатие за аеродромски услуги, оваа владина мерка треба да го стимулира растот на домашниот авиосообраќај и ќе ја зголеми конкуренцијата на аеродромите во однос на регионот. Државата со преземените мерки сака да привлече поголем број странски компании на македонските аеродроми. Доколку не дојде до зголемување на авиосообраќајот, како што очекува Владата, државата ќе има загуба од 200.000 евра.
При неодамнешната посета на Охрид, премиерот Груевски најави и одредени интервенции на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, кој заедно со скопскиот ќе биде издаден под концесија. Тендерот ќе биде отворен во јули, а потенцијалниот концесионер ќе биде познат во септември рече Груевски кој најави дека Владата во договорот со него ќе бара сериозни инвестиции во првите 18 месеци.
Г. Момироски