Турската компанија „Тав“ ќе го преземе стопанисувањето со аеродромите во Охрид и Скопје во 2010 година. Владата го прифати барањето на турскиот инвеститор кој втор пат побара одложување на преземањето на македонските аеродроми. На последната владина седница била донесена одлука дека новиот и последен рок за преземање на аеродромите е 1 март идната година.

Причина за новото одложување повторно е  светската економска криза  поради која во декември лани рокот за преземење на охридскиот и скопскиот аеродром и изградба на карго аеродромот во Штип беше пролонгиран за 9 месеци.

Договорот за издавање на македонските аеродроми под концесија беше потпишан во септември 2008 година. Концесијата е на 20 години, а „ТАВ” најави инвестиција од околу 200 милиони евра. Со договорот се предвидува реновирање на аеродромот во Охрид, кое како што е најавено ќе трае 12 месеци. Скопскиот аеродром ќе се реновира 24 месеци, а изградбата на карго аеродромот во Штип ќе трае 36 месеци.

Ohridnews