Немаме среќа со ова шахтиве. Пред неколку недели пишувавме за „најограбената“ улица во Охрид кога се во прашање канализациски одводи, тоа е „Седми ноември“ а веќе од пред 2-3 дена „нападната“ е улицата „Марко Нестороски“. Две решетки кои имаат улога и на поклопци се украдени најверојатно под закрила на ноќта, од непознати сторители. Приказната е јасна, се топат (поклопците) па се продаваат во старо железо. Не може секоја улица да има чувар, но зошто никој не презема некоја позначајна акција во соработка со откупните станици за старо железо или можеби со граѓаните кои би помогнале во спречување вакви дејствија. Којзнае уште колку време ќе стојат вака отворени? Некои совесни граѓани ги „обележале“ отворите со камења и слично, но навечер и ноќе тоа е повеќе опасно отколку корисно.


Во близина е школото „Христо Узунов“и многу деца поминуваат оттука, па може некое да не види и да се повреди. За сообраќајот е исто така потенцијално опасно, а згора на тоа граѓаните кои живеат во околните куќи, ќе мора да ја трпат и смрдеата која се шири од отворените шахти.

Текст и фото:
С. Костоски