Во Охрид денеска продолжува вториот ден од Смитот на претседатели на државите од Централна Европа на кој треба да биде усвоен завршниот документ во кој се наведува дека процесот на Евроатланските интеграции нема да може да се смета за завршен без целосно приклучување на земјите од Западниот Балкан во НАТО и Европската Унија.
Интеграцијата во Европската Унија нема поинаква остварлива алтернатива за земјите кандидати и аспиранти, се вели во предлог верзијата за завршниот документ. За таа цел (земјите) треба да ги интензивираат реформите, додека ЕУ треба да продолжи да ги поддржува нивните напори”, се вели во документот.
На шефовите на земјите од централна и југоисточна Европа им се предлага да го усвојат и заклучокот дека економскиот развој останува еден од најважните приоритети за земјите од регионот. Предуслови за поголем економски растеж се стабилната набавка на енергенти, квалитетната транспортна и телекомуникациска инфраструктура, како на локално, така и на регионално ниво, се вели во нацрт-документот. Во него се додава дека проектите во овие сфери ќе значат добра регионална соработка, но истовремено ќе бидат и инвестиција во стабилноста и безбедноста на земјите.
Новите економски и енергетски постројки, без оглед каде и да се изградени, ќе значат додадена вредност за националните, регионални, но и за сета економија на Унијата. Како посебна точка во нацрт документот е нагласката дека Европа е од сите земји од регионот прифатена како заеднички економски и трговски пазар, но и повеќе- оти таа се доживува како заедница на заеднички вредности и уверувања. Сакаме да развиеме просперитетни општества што се базираат на солидарност меѓу луѓето и еднакви можности за сите”, се вели, меѓу другото, во нацрт документот.
Како што сме информирани од протоколот на нацрт документот имало мали технички забелешки кои се очекува денеска да бидат корегирани, по што истиот во форма на заклучоци ќе биде презентиран од претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски.
Инаку пред почетокот на втората пленарна сесија предвидени се бројни билатерални средби на шефовите на држави. Централна тема на вториот ден од Самитот на кој учествуваат 19 држави од Централна Европа ќе бидат енергетските перспективи на регионот.
ohridnews