Во х. Метропол се одржува четвртиот циклус на „Охридските разговори“ , проект што Министерството  за внатрешни работи на Македонија го спроведува заедно со германската сојузна држава Бранденбург и германската фондација „Ханс Сидел“

Проектот не се однесува само на безбедноста туку на целокупната општествено политичка состојба и пред се на македонската економија која во последните 12 месеци направи голем развој, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.


„Охридски разговори“ за безбедноста на Македонија

Според министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, ова е добра прилика да се разговора со партнерите од Германија, околу визното олеснување, но и околу новото гранично интегрирано управување. „Со новите пасоши, новиот визен центар на кој работиме и сите тие догоговори кои ги имаме потпишано за реадмисија Македонија смета дека Европската комисија треба да биде похрабра и на нашата земја како и на другите земји во регионот да им понуди визна либерализација, што ќе ни овозможи поголем контакт со ЕУ“, рече Милошоски. Во тој контекст тој  истакна дека 94% од население е за влез во ЕУ и тоа е како што рече голем кредибилитет за нас бидејќи таа подршка е мултиетничка мултикултурна и мултиверска.

Милошоски смета дека 2008 година ќе биде година на евроатлантските интеграции и очекува дека земјава догодина ќе добие покана за членство во НАТО и датум за преговори со ЕУ.

„Според се она што досега е направено Македонија од  Европската комисија ќе добие најпозитивен извештај досега, особено за направеното во економијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформите во законодавството и неговото прилагодување со европското законодавство и создавањето на зголемен капацитет на административната силина на сите институции кои се надлежни за евроинтеграциите. Извештајот ќе биде објективен и убеден сум дека ќе имаме позитивни оценки за многу области“, рече Милошоски.


Ставрески-Јанкуловска-Милошоски

Според вицепремиерот Зоран Ставрески, постои голема поврзаност помеѓу безбедноста и економијата. “Сметаме дека подобрувањето на безбедносната состојба во државата, борбата против организираниот криминал и корупцијата и приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО, се силни фактори кои влијаат врз економските перформанси на државата“, рече Ставрески.

На дводневниот семинар кој се одржува на тема  „Развојот во областа на безбедносната политика и економијата во Македонија во соработка со други земји“ учествуваа високи функционери од безбедносниот сектор од сојузната германска држава Бранденбург, експерти од ЕУ и функционери од безбедносните сектори од соседните Албанија и Бугарија.  

Г. Момироски