Прашува Благој Г. Кичеец,
поранешен актер и режисер во првиот професионален „Градски народен театар Охрид“
Во еден дневен весник, на насловната страница во десното ќоше стои мотото „Читај и мисли слободно“.
Е, тоа мото ме поттикна да го напишам она што подолу ќе го читате. И еве што мислам:
Прво мислев каков наслов да му дадам на ова мое писание. Брзо смислив и го напишав. Ставив и прашалник и чуденка. Прашалник затоа што и јас не го знам одговорот, а чуденката ја ставив во име на моите сограѓани кои заедно со мене го ставија својот потпис на плебисцитарното барање во Охрид да се возобнови охридскиот професионален театар, кој се роди на 07 Јануар 1949 година и умре млад, самошто беше зачекорил, во 1954 година, на празникот на трудот 1-ви Мај. Каква иронија! Место да слaвиме, ние тагувавме заедно со публиката.
Така и ми светна мислата да го поставам прашањето од насловот. И пак ќе прашам: Кој е баксузот што се потпишал на белата хартија која сега некаде црнее од срам и од намус? Каде е грешката? Е, таа е една и единствена во тој тајминг. Грешката е во тоа што возобновениот театар се регистрира како здружение на граѓани, а го регистрираа луѓе кои, можеби, беа во пелени кога на големо се регистрираа организации од граѓани така наречени Г.Г. фирми, кои немаа долг век и ја утнаа работата. Така и возобновениот охридски театар имаше уште пократок рок на живеење. Се одиграа само две премиери и толку. А колку ни беше убаво. Се радувавме.
И сега што мислат граѓаните на Охрид. Мислат слободно и се прашуваат зошто цели две години не прочитале плакат со кој се рекламира нова премиера? Одговорот е: Затоа што иако „де јуре“ театарот постои, „де факто“ е чиста утка. Што жаргонски би се рекло „аш“. За жал. Заради тоа си заминаа и тројцата дипломирани актери што беа и ќе продолжеа да бидат столбот на театарот. Тие млади луѓе сега сигурно жалат и за театарот, и за публиката, и за градот.
Има уште една неопростива грешка. Таа е: Зошто Републиката, односно Министерството за култура на РМ, не ја зеде работата во свои раце и од тие раце да ги истресе трошките од буџетот на охридската сцена, на „штиците што живот значат“ за да не згаснат рефлекторите на Божицата Талија што ги осветлуваа актерите. И немаше да биде за некого мајка, а за некого маќеа. Кој за тоа притисна? Ако од „разбирливи причини“ тоа не сакаше да го стори министерството, зошто тогаш локалната власт не го зеде и сеуште не го зема театарот во свои раце? Чинам дека во Охрид е поважно за некоја минорна работа Советот на општината да расправа со денови, а културата да ја стави на маргините од својата надлежност. А и градоначалникот, чинам, не размислува доволно за оваа тематика. Знам дека многу горливи проблему му висат над главата, но овој проблем не е токлу горлив за да мора да го гасне противпожарна единица. Таквото однесување ако не е жално, барем е непримерно. Еден градоначалник во 1954 година го затвори професионалниот театар со 17 актери професионалци и неколку сценски работници, а сите други десетина по него вклучувајќи го и актуелниот не се обидоа да ја поправат грешката.
Охрид имаше професионален театар кога градот броеше 9.000 жители. Сега градот има 50.000 жители повеќе, а театар нема.
Сите ние се гордееме со градот. За неговите светски вредности и за неговото културно наследство, тој бесценет камен од ѓерданот што го носи Охрид, знаат огромен број индивидуи и во градот и во републиката а пошироко низ светот. За неговата раскошна личотија надолго се зборува и пише. Но каков ќе биде одговорот ако некој намерник, вљубеник во Охрид, или личност, со не знам какви намери ќе праша: Имате ли во Охрид театар? Горделиво ќе му одговориме: Имаме, ама антички театар! А на вистинското прашање ќе ги собереме рамениците, помалку затечени од прашањето, а повеќе вцрвенети затоа што ќе се срамеме да ја кажеме вистината.
Сакаме Охрид да го имаме како Дубровник, но сеуште сме далеку од чалгијата! Па, луѓе мои, Дубровник покрај сите светски вредности има и професионален театар кој го носи епитетот – фестивалски, затоашто традиционално го прикажуваа шекспировиот Хамлет на тврдината Ловријенац, со учество на врвни актери од сите бивши ЈУ простори, а во рамките на „Дубровничките летни игри“. Таква вредност и Охрид заслужува да има. Но место со тој проблем сега се занимаваме со гласноста на музиките која божем му пречи на граѓаните кои живеат од туризмот и сакаат нивните гости, а и самите тие мирно да спијат. Колку јас знам, таквиот вид туризам се вика манастирски туризам. Охрид е туристичка метропола и мора таков да остане. А ние сме должни таков да го изградиме и да го надградуваме.
Сега малку и за нашите пратеници во македонскиот законодавен дом, кои беа изгласани и од 10.000 потписници на иницијативата за обновување на охридскиот професионален театар. Ни сегашниве, ни поранешните, ни од позицијата, ни онаа другата никогаш не се т’рзнале, барем во една последна четврточна седница во месецот, да го постават болното прашање за кое овде станува збор, за театарот. Зар и тие сакаат да се запишат во „црниот тефтер“ на антикултурата во Охрид. Нека си одговорат самите.
Ете, тоа беше моето слободно мислење.
Благој Кичеец Ohridnews