Есад Аслани директор на  ланецот пекари „Линди Дрим“ и актуелен претседател на огранокот на ПДП во Охрид, тврди дека бил незаконски приведен во полициска станица  во Ресен каде бил психички малтретиран и тепан. Настанот според кажувањето на Аслани се случил ноќта помеѓу 21 и 22 март по инспекциската контрола на една од пекарите во сопственот на фирмата каде тој е директор. При контролата полицијата открила 8-мина работници од Косово без работни дозволи на кои им била изречена казна од  по 300 евра и биле протерани од земјата со забрана за влез во Македонија во следните 6 месеци.


Есад Аслани тврди дека бил малтретиран од полицијата

Аслани како што тврди веднаш по извршената контрола  бил повикан во Ресен да ја приложи документацијата за фирмата, по што бил приведен во полициската станицакаде бил обвинет дека со својот ортак и газда на пекарата во Ресен,  Зеке Чоче од Косово, подмитил полициски службеник за да не им биде вршена инспекциска контрола.

Есад Аслани тврди дека не го сторил делото и дека истото му го соопштил на полицискиот инспектор кој според него го испрашувал со закани и притисоци. Тој обвинува дека не му било испочитувано правото на адвокат и дека врз него била извршена вистинска тортура.

„По  3 часа провокации да признаам дека сум направил нешто што не е вистина  инспекторот кој ме испрашуваше ја грабна мојата ташна во која имав весник „Шпиц“ со прославата на независноста на Косово во Македонија и „Коха Диторе“ на кој имаше слика од Адам Јашари. Тој тогаш се вознемири и ми се закани дека ќе ми го напика весникот во уста по што стана ми се доближи и три пати ме удри по носот“, раскажува Аслани.  Тој тврди дека   откако бил натепан не му била укажана лекарска помош која ја добил дури по враќањето во Охрид каде му е издадено и лекарско уверение.

Случајот е пријавен во  секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР. Од таму велат дека наводите на Аслани сериозно ќе бидат рагледани но за нив е симптоматично   зошто наводно малтретираниот бизнисмен случајот го пријавил дури вчера, односно 4 дена подоцна.

Аслани има проблем со полицијата и во Охрид каде во неговите пекари „Арома“   беа затекнати  работници од Косово без уредна документација. Есад Аслани  признава дека имал проблеми со обезбедување на работните дозволи на вработените и дека за тоа платил соодветни казни. Тој најави дека ќе оди до крај во расчистување на случајот и дека за истиот ќе ги извести  сите релевантни меѓународни организации и народниот правобранител.

Г. Момироски