Веќе 16 години продолжува убавата традиција што ја негува фамилијата Филеви која на дамите кои го посетуваат Охрид на Денот на жената, им подарува прекрасни охридски бисери. Годинава уникатни подароци добија туристки од Црна Гора кои пред катедралната црква „Св. Софија“ се запознаа со изработката на охридските бисери, но и со историјата на црквата.

Оваа година ни е 16-та по ред една убава традиција која продолжуваме да ја реализираме заедно со туристичкиот водич Љупчо Јузмески. Оваа година имаме група од Црна Гора и ни претставува огромна чест и задоволство што можеме вака со едно симболично подарување по повод Денот на жената, да го промовираме брендот охридски бисер „Филеви“ и да им овозможи да се чувствуваат пријатно, вели Филев.

Посочува дека секоја година настанот се реализира на различна локација со цел да туристите да им се претстават и културно-историските знаменитости на градот.

Изминатите години бевме на Самоилова тврдина, Антички театар, а оваа година сме пред катедралната црква „Св. Софија“, пред се да ги потенцираме и културните споменици и природните реткости на Македонија кои се атрактивни за туристите. А секако и бисерот кој раѓа природни и убави чувства како дел од природата на Охрид, Македонија, да бидат закитени дамите симболично баш на 8-ми Март. Охрдскиот бисер е примамлив и како бренд и како производ сувенир, да дојдат туристите не само да го купат бисерот, туку и да ги видат сите други содржини кои ги нуди Охрид.

Во поглед на тоа кој повеќе купува бисери, Филев вели, можеби туристите повеќе, но и охриѓани ја негуваат традицијата за подарување на бисери.

Туристките кои добија оргинални охридски бисери „Филеви“ велат се пријатно изненадени од подароците, но и од убавините на Охрид и гостопримливоста на народот.

  • Втор пат сум во Охрид. Најмногу ми се допаѓа гостопримството, историјата, како од едно езеро направивте одличен туризам. Се е убаво и чисто. Добивме вреден поклон, изненадување и благодариме. Има охридски бисер кој е исто поклон.

  • Не сум првпат во Охрид. Ми се допаѓа, задоволна сум и од љубезноста на народот. Одушевена сум и изненадена од поклонот. Бисерот има некое значење.

Туристичкиот водич Љупчо Јузмески кој повеќе од деценија и пол заедно со Михајло Филев ја реализираат оваа прекрасна идеја, вели има приказна годинава и во спојувањето на катедралната црква Св. Софија и охридските бисери „Филеви“.

Станува збор за две оргиналности охридските бисери „Филеви“ и Охридската архиепископија. Туристите прашуваат кои се најважните сегменти од Охрид кои можат да ги видат и нормално тоа се од центарот на Охрид, споменикот Св. Климент, црквите Св. Софија и Св. Богородица Перивлепта, Плаошник, Антички театар, Самоилова тврдина, Канео… Овие местата се најмногу посетени. За овој осмомартовски викенд најбројни се туристите од поранешните југословенски држави, вели Јузмески.

Дејана Булатовиќ, сопственичка на туристичка агенција од Подгорица, вели дека организираат тури за Охрид, не се само во текот на летниот период, туку и за сите празници.

Генерално црногорскиот народ сака да одмара и празнува и за секој празник кој го организираме една од турите е во Охрид. Го сакаме народот тука, кој е љубезен и гостопримлив и секако Охридското Езеро. За разлика од стандардот кај нас не е толку скапо. Аранжман со две ноќевања, доручек, превоз и туристички водич чини околку 80 евра. Охридското Езеро секого го остава без текст и остава посебен впечаток на сите нас и тоа се поголем број од коментарите на гостите кои доаѓаат да го посетат. Доаѓаме и преку лето, во сезона и вон сезона. Секој можен празник, вели Булатовиќ.

Годинава беа подарени седумнаесет охридски бисери на туристките од Црна Гора, а имаше и цвет за секоја дама.

Н.С.Ј.