Објектот во кој е сместена Цетралната градинка на ЈУДГ “Јасна Ристеска” од Охрид, догодина ќе се прошири со уште три занимални.  Проектот за доградба на градинката ќе започне наскоро и според најавите целосно  ќе биде финансиран од охридската локална самоуправа.

-Проектот за доградба е готов, а при крај е и постапката за објавување на тендерот за изградба. Според планираното, предвидена е доградба на околу 400 квадратни метри внатрешен простор, во кој ќе може да се семестат три занимални. Доградбата е планирана во задниот дел на постоечкиот објект, во кој моментално функционира Централната градинка-велат надлежните во Секторот за образование при Општина Охрид.

Според  Управата на градинката,  доградбата на Централниот објект е од големо значење, затоа што со тоа конечно ќе се надмине просторниот проблем со кој долги години се соочува оваа установа.

-Во Централната градинка од година во година имаме се поголем број на деца, а речиси сите групи ја надминуваат предвидената норматива. Исто така постои и голема листа на чекање за упис, која е составена од деца кои се од централното градско подрачје. Се надевам дека со проширувањето на објектот на Централната градинка ќе се овозможи формирање на уште три групи од претшколска возраст, со што ќе се обезбеди  згрижување на сите деца кои до сега не можевме да ги згрижиме-изјави Марина Петроска Тодороска, директор на ЈУДГ “Јасна Ристеска”, Охрид.

Таа објаснува дека покрај Општината, за потребата од доградба на градинката  биле запознаени и во надлежното министерство.

Ние испративме писмено барање за реализација на доградбата и до Министерството за труд и социјална политика , но до сега од таму немаме добиено никаков одговор. Тоа значи дека целиот проект за  доградбата ќе го реализира Општина Охрид-нагласува Петроска Тодороска.

Покрај објектот на Централната градинка, во инеренциите на ЈУДГ “Јасна Ристеска” спаѓаат уште четири објекти. Сите заедно во моментов згрижуваат над 600 деца.

Е.Е.