Ако сте биле во Охрид, а не сте пробале охридска торта значи не сте ги вкусиле сите убавини што ги нуди градот. Со овие зборови туристите и гостите го опишуваат познатиот охридски десерт, кој по уникатен рецепт се подготвува само во нашиот најголем туристички центар. Тие велат дека сочниот вкус на каремел, орев и чоколадо и дава на оваа торта неверојатна уникатност на која не можеш да му одолееш.

-Голем љубител сум на слатки, а охридската торта ја пробав пред неколку години, на една прослава во Охрид. Бев воодушевен од нејзиниот специфичен вкус, кој долго време ми остана во сеќавање. Сега кога доаѓам во Охрид, охридската торта, задолжително е на моето дневно мени, вели Лазо Карајошков, турист од Тетово.

Од охридските слаткарници, кои подготвуваат охридска торта потврдуваат дека овој десерт убедливо е најбаран од туристите и е своевиден бренд на Охрид.

-Според продажбата во текот на денот, месецот, а особено во текот на летната сезона охридската торта е најбарана. Оваа торта особено ја обожаваат туристите. Значи, кога ќе го прочитаат името охридска торта, веднаш им е впечатливо и сакаат да ја пробаат. Секој турист кој ја пробал оваа торта бил воодушевен од уникатниот вкус, а голем дел од нив откако ќе изедат едно парче, бараат да им биде послужено уште едно. Има и голем број муштерии кои по препорака доаѓаат да пробаат охридска торта, вели Весна Смилкоска, сопственик на слаткарницата „Палма“ каде што охридската торта се подготвува околу 20 години.

Таа нагласува дека многу пати се случувало туристи кои јадат охридска торта да нарачаат цела торта и да ја носат дома на најблиските.

-Пред неколку години имаше една група туристи од Хрватска кои неколку дена престојуваа во Охрид. Беа околу 20-тина луѓе и буквално секоја вечер беа тука во нашата слаткарница и јадеа охридска торта. Пред заминување сите нарачаа по една цела торта за да ја однесат дома. Исто често се случува откако ќе пробаат од тортата гостите да не молат да им напишеме како се подготвува, раскажува Смилкоска.

Таа објаснува дека рецептот за охридската торта потекнува од традиционалната кујна на охридските домаќинки, а нејзината уникатност лежи во начинот на нејзиното подготвување.

-Можам слободно да кажам дека вистинска мајсторија е да се подготви оваа торта. Најпрво се подготвува специјален карамел, кој се остава да се стврдне, па тој се толчи до ситен прав, кој потоа се меша со добро сварен крем од жолчки и во нив се додаваат мелени и сечкани ореви. Потоа кремот од жолчка и каремелот се мешаат со специјално подготвен фил од млеко, нишесте, шеќер и маргарин. Се пече црн пандишпан со ореви и какао, а при формирањето на тортата се попрскува со специјално подготвен шербет. Тортата се филува како и сите други торти. На крај секогаш мора да се прелее со чоколадо, опишува Смилкоска.

Таа нагласува дека охридската торта не може да се јаде веднаш по подготовката, туку дека е потребно време таа да се стврдне и тестото да го впие сокот од филот, па препорачливо е истата да се послужи најмалку еден ден по подготовката.

Освен во неколку охридски слаткарници, охридската торта ја има на менито во речиси сите охридски ресторани и хотели. Исто така охридската торта е неизбежен десерт за семејните прослави во охридските домови, а голем број охридски домаќинки знаат да ја подготвуваат оваа торта.

Е.М