Во петокот околу 21.00 часот на стариот пат Охрид- Струга, пред постојката во близина на болницата Св.Еразмо, од страна на службени лица од Одделението за недозволена трговија при СВР-Охрид во содејство со ОНТ при ОВР-Струга, било затекнато лицето Асан К. (1959) од с.Франгово – Струга.
По извршениот личен преглед кај него била пронајдена и одземена опојна дрога „хероин“ со тежина од околу 550 грама, вредна околу 10.000 евра.
Асан К. е приведен и задржан во СВР-Охрид, при што од обавениот разговор е констатирано дека пред три дена стапил во контакт со засега непознати лица од Република Албанија со кои во планината над село Франгово се договорил опојната дрога да му ја дадат без никаков надоместок, односно да ја плати дури откако ќе обезбеди купувач во земјава. Оттогаш уште неколку пати контактирале телефонски, а во текот на вчерашниот ден и се сретнале во Струга каде откако ја тестирал, Асан ја презел дрогата.
Асан К. во текот на денов ќе биде предаден на истражен судија, а СВР Охрид презема мерки за откривање на идентитетот и на останатите инволвирани лица и целосно расчистување на случајот, соопшти МВР.