Емотивна средба на двајца другари во Охрид после 47 години од нивната прва средба каде биле дел од тогашната Охридска морнарица.

68-годишниот Љубен Наумчески од Скопје и 67-годишниот Андреа Луќич од Босна и Херцеговина низ солзи евоцираат спомени од периодот поминат во Охрид, од морнарицата, слободното време, дружењето. Контактот по заминувањето од Охрид го одржувале извесен период, но поради воените случувања истиот го губат. На иницијатива на Луќич кој со својата упорност и силна желба успева да го пронајде Наумчески ја остваруваат средбата во Охрид, раскажуваат за „Охридњуз“.

Повеќе од една година биле дел од морнарицата во Охрид, но велат ги врзуваат многу убави спомени кои никогаш не се забораваат.

Наумчески кој живее во Скопје приказна ја започнува навраќајќи се на служењето на воениот рок во Пула во 1977 година каде бил 4 месеци, по што добива прекоманда во Охрид.

Со мене тогаш како водач на групата доаѓа и Андреа Луќич и оттогаш, од декември месец 1977 година до мај 1979 година, бевме неразделни пријатели. Денес после 47 години се среќаваме во Охрид на иницијатива на Луќич обидувајќи се преку повеќе луѓе да ме пронајде. Со силна волја успеа. Во комуникација бевме наназад две- три години и дојде денот да се видиме токму во Охрид, вели емотивно Наумчески.

Луќич пред да служи војска работел на брод пет години, по што доаѓа во морнарицата во Пула, каде служи воен рок и Наумчески.

Кога требаше да одиме во прекоманда во Охрид се надевав дека ќе бидам во Сплит, Тиват, некаде на море. Кога ја читаа воената пошта всушност сфативме дека одиме заедно двајцата во Охрид. Продолживме да одржуваме контакт откако заминавме од Охрид, но тоа што се случи со Југославија, воениот период, доста долго не одвои и немавме контакт. Се обидував преку пријатели да дојдам до Љубен. Знаев дека е роден во Скопје, всушност бил роден во Прилеп и има тетка во Охрид. Кога ќе го видеш човекот после толку години не си сигурен дека е тој. Кога се видовме сега плачевме. Бевме многу поврзани, го поминуваме слободното време на „Билјанини Извори“, игравме тенис, пливавме во спортскиот центар, излегувавме навечер, се сеќава Луќич.

Низ црно-белите фотографии кои остануваат како сведок на времето поминато во морнарицата во Охрид се навраќаат на обврските кои тогаш ги имале, но и на строгоста и почитувањето на правилата.

Постоеја два патролни чамци. Јас бев на 303, а Андреа на 304. Беа две посади по шест луѓе. Секогаш кога бевме во пловидба едниот остануваше тука. Тој што пловеше одеше до Радожда, Свети Наум и назад. Секој втор ден се менуваа чамците, вели Наумчески.

Морнарицата потенцира била нешто ново за него и во еден момент си помислил и дека можеби не е за него.

  • И денес се сеќавам колку имало строги правила во морнарицата, ред и дисциплина. Имавме обврска да ја чуваме границата со Албанија. Имаше утринско возење во 8 часот до 14 часот, додека вечерната беше од 20 часот зависно од временските услови. Се проверуваа пловците дали светат, на фотоќелија беа, дали има рибокрадци, бидејќи ја менуваме и полицијата. Во мај беше забрането да се лови и немаше толеранција, веднаш можевме да ги уапсиме, да ги ставиме во брод, да го прикачеме нивниот чамец и да ги однесеме до полиција. Обврска ни беше да ја чуваме границата, да го контролираме езерото и тоа беше професионално изведено, со сета потребна комплетна опрема, вели Наумчески.
  • Имаше доста глисери во езерото, и моравме да ја чуваме границата со поставените пловци, бидејќи таков беше периодот ако ја поминеш границата од албанска страна веднаш пукаа. И истите беа поставени најмногу заради туристите да не смеат да ја поминат границата, вели Луќич.

Во слободното време велат излегувале во тогашното ПТТ, оделе во диско во Горица каде не ги пуштале да влезат облечени во униформи, па се снаоѓале. Имале работилница каде постоеле макети и велат правеле многу убави бродови.

Во делот пред бараката кај морнарицата која не постои, се е веќе изменето, имаше една убава фонтана која ја направивме и на наше инсистирање беше направен и видиковец. Многу сакав да сум ангажиран околу одржувањето на истиот. Не беше замисливо и „Охридско лето“ да се одржи без морнарицата. Секогаш мораше да има од страната морнарица, се си беше режирано претходно и протоколот не можеше да се смени, вели Наумчески.

Го споменува и маратонот во трчање, Армиско првенство на ниво на Југославија, кој се одржувал почнувајќи од пристаништето до стадионот „Билјанини Извори“ каде победил меѓу 150 војници од сите земји во поранешна Југославија.

  • Морнарицата сега не остава впечаток дека постои, сменето е, патролен чамец има еден, не верувам дека тој оди почесто да ја контролира границата. Прмногу е загаден со приватни глисери и искомерцијализиран е каналот сега. Разликата е многу голема од тоа што беше тогаш морнарицата, вели Наумчески, посочувајќи дека сепак ова е негово мислење што и не значи дека е во право, вели Наумчески.
  • Сега дојде до смена на генерациите и во полицијата и секаде, војската не постои. Нема ред. Ние можевме во слободно време да правиме се што сакаме, но се знаеше редот на обврските и дисциплината кои мораа да се почитуваат во морнарицата, вели Луќич.

По периодот поминат во морнарицата во Охрид секој продолжува по својот животен пат, успешно градејќи ги своите професионални кариери, остварени и на фамилијарно поле, но потенцираат дека контактот ќе го одржуваат и во иднина и веќе е договорена следната другарска средба во Швајцарија каде живее дел од нивната најблиска фамилија.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски