Семејството, колеги, соработници, пријатели и блиските денеска се простија од охридскиот новинар и публицист Илче Стојаноски кој почина на 21 април на 75-годишна возраст. По тој повод Здружението на новинари на Македонија – ЗНМ и медиумската заедница во Големата сала на Општина Охрид одржаа комеморација на која се потсетија на професионалниот и личниот бекгаунд на Стојаноски.
Илче припаѓа на генерацијата новинари кои оставија голема трага во охридското и македонското новинарство и се вградија во колективната меморија на заедницата со нивниот препознатлив начин на работа, истакна на комеморацијата Горан Момироски, координатор на ЗНМ за Охрид и Струга.
Целиот професионален работен век Илче Стојаноски тој го помина во центарот за печат и Радио Охрид каде почнал да работи во 1977 година како надворешен соработник – новинар. Во 1979 година стапил во редовен работен однос во Радио Охрид и постојано напредувал во својата професија. Беше главен и одговорен уредник на радиото и директор, а по завршување на мандатот и се врати на новинарската професија.
Илче Стојаноски беше водител на дневно информативаната емисија „Настани“, на контактите емисии „Во сабота со вас“, „Радио берза“ а од големата љубов кон охрид и неговата истражувачка дејност, ја реализира емисијата „Охрид во моите спомени“ при што се снимени и емитувани над 100 вакви документарни емисии врз основа на кои издаде две од четирите свои книги насловени како „Кажвиме за да не се заборајт“ и тоа првата во 1996 а втората во 2003 година, по кои следеа монографијата „Охридски времелов 1848-1948“ издадена 2012 година и „Охридски вистини, случки, приказни и факти од минатото“, издадена 2014 година. Последниот труд на Стојановски е издавањето на ДВД, „Охрид во моите спомени“. Како пензионер на најумесен начин продолжи да го промовира Охрид преку фејсбук страницата „Охрид, убав мил“ чиј креатор и администратор меѓу другите беше и тој, потенцира Момироски.
За професионалните дострели на Илче Стојаноски, но и за неговата личност, се осврна неговиот колега од Радио Охрид, соработник и личен пријател, Димитар Смилески.
Имав особено задоволство во Радио Охрид да соработувам со мошне работлив, амбициозен и солиден работник, кој одговорно си ја вршеше својата задача за која беше задолжен. А тоа беше времето кога Радио Охрид достигна врвна репутација како локална радиостаница, насекаде слушана, заради разновидните содржини наменети за слушатели од секаков вкус. Илче беше еден од клучните работници во радиото, бидејќи беше задолжен и одговорен за одржување на финансиската состојба на Радиото, кое исклучиво живееше од реклами, истакна Смилески.
Благодарение на неговата дарба да се занимава и со истражувачко новинарство, тој остави мошне вредни записи од минатото на градот Охрид, преку снимените материјали на магнетофонска лента, кои потоа ги стави на хартија.
Од тоа произлегоа и неколку книги, кои Илче ги остави како незаборав во меморијата на Охриѓани и за генерациите кои допрва доаѓаат. Она што е особено значајно е фактот што Илче Стојаноски своите записи ги пренесува во оригинална форма, на охридски дијалект, онака како што кажуваат неговите соговорници, рече Смилески.
Со заминувањето на Илче Стојаноски во вечноста, губиме уште еден наш познат граѓанин, интелектуалец и новинар од јатото на Радио Охрид, додаде Смилески.
Дозволете во оваа прилика да ги спомнам незаборавните спикери на Радио Охрид Леонора Чекреџи и Цветко Божиноски, новинарите Живко Димоски, Благоја Силјаноски, Драгица Силјаноска, Симе Илиески, Никола Манески, Иванчо Јованоски, Томе Баткоски, Мирјана Мијалкова, Љупчо Константинов, Наум Степаноски, Никола Ѓорѓиески, Гоце Крстаноски, Љупка Димоска, потоа нашите колеги новинари: Цветан Стефанов, Љубен Баткоски, Јаким Каневче, Драган Чубриќ, Љупчо Кочоски и други значајни соработници кои се јавувале на брановите на Радио Охрид, потсети Смилески.
За својот труд Илче Стојаноски за време на својот работен век има добиено голем број награди и признанија. Ја издвојуваме наградата на Здружението на новинарите на македонија во 1999 година – прво место за документарната емисија „Афродита охридска“ и највисоката награда од ова здружение, наградата Гран при. Воп 2007 година ја доби повелбата „Свети Климент Охридски“.
Г.М.