Младинскиот Културен Центар, Скопје
Од 23.03.2024 - 19:30 до 23.03.2024 - 22:00
Hardfaced слави дваесет години постоење. По тој повод, дваесеттиот роденден на метал-хардкор групата Hardfaced од Охрид, ќе биде одбележан со јубилеен концерт во Младинскиот Културен Центар во Скопје. Како предгрупи ќе настапат емо/постхардкор бендот “You” од Скопје и хардкор легендите од Софија, “Last Hope”.
Со внимателно одбрана сетлиста Hardfaced ќе ги отпејат и отсвират хронолошки, претпознатливите рефрени и рифови од нивните четири албуми.
Hardfaced се оформени во 2004 година во Охрид во првична шестчлена формација. По само неколку проби го снимаат прво демо со три песни, кое брзо станува популарно кај пријателите и фановите. Првиот јавен настап го имаат во Охрид истата година, а деби албумот “More than hate” излегува во 2006 година.
Во периодот што следи бендот активно настапува на концерти ширум Македонија, по што следи и вториот албум “Show them what they fear”. Следат уште концерти и турнеи на сите поголеми фестивали во регионот, меѓу кои двапати и “Exit” во сеседна Србија. 2014 година за Diehard records излегува албумот “Dying Lake”, а во 2020 и “Dreamless slumber at the shores of youth”.
Hardfaced во изминатите дваесет години ја делат сцената заедно со најголемите светски хардкор и метал ѕвезди како Biohazard, 7 Seconds, Born from pain, No turning back, како и сите домашни значајни бендови меѓу кои Smut, Новиот Почеток и други.
Концертот е утре, 23.03.2024 со почеток во 19:30 часот, а покрај постоечката постава составена од Димитар Савески, Јован Наумоски, Горан Вељаноски, Јордан Маленко и Љупчо Стефаноски, како гостин ќе настапи и стариот член Игор Снегар.
OhridNews