Со свечена приредба која се одржа вчера во спортската сала „Билјанини извори“, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ одбележаа јубилеј од 60 години успешно работење.
Пред бројните присутни свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Одбележуваме еден многу важен јубилеј од работењето на нашата детска градинка, нејзиниот 60-ти роденден. Ова е моментот кога имаме можност да се вратиме назад во времето, да го проследиме нејзиниот пат на развој и да се радуваме на сите убави моменти. Успехот на јавната детска установа „Јасна Ристеска“, не е само резултат на посветеноста на учителките, негувателките и целокупниот персонал, тоа е резултат и на довербата од сите родители и семејства, кои во текот на годините, грижата за своите најмили ја препуштаа на организираните програми за згрижување и воспитување, рече Пецаков.
Детската градинка, додаде, е место каде дечињата стапуваат во светот на образованието, пријателството и играта и ги учат основни вештини и вредности, ги градат своите први другарства и започнуваат да се развиваат како индивидуи.
Горди сме, што низ изминатиот период, нашата детска градинка израсна во место каде што најмладите се чувствуваат сигурни и среќни, каде што се поттикнуваат да ги покажат своите таленти и да пловат во својата авантура на созревање. Овој значаен јубилеј не е само повод за да се собереме и да го прославиме она што е постигнато, туку е и една нова прилика за да се зададат нови цели. Нашата детска градинка има своја историја, но ја очекува и светла иднина, благодарение на сите инвестиции кои се реализираат во објектите за згрижување, како и сите мерки кои ги предвидуваме за подобрување на условите за престој, додаде Пецаков.
Во рамки на свечената програма беа изведени бројни музички и танцувачки точки подготвени од најмладите, под менторство на воспитувачите од градинката.
Охридската градинка го одбележа 60 годишниот јубилеј
OhridNews