Читателите во охридската Библиотека од денеска ќе може да влезат сами да изберат книга. Ваквиот чин, како што информира директорот на установата Милчо Јованоски, е во пресрет на Светскиот ден на книгата и авторското право – 23 Април.
Читалната во одделот за издавање ќе биде отворена од понеделник до петок од 9 часот и 30 минути до 17 часот, а читалната за дневен печат и периодика со читатели ќе работи од 9 до 15 часот. Читателите ќе можат да влезат, да избираат книги од полиците и да побараат помош од библиотекарите, појасни Јованоски.
Читалните, додаде тој, ќе можат да ги користат само зачленети читатели.
На 26 април, во чест на Светскиот ден на книгата на посебен настан ќе бидат прогласени најредовните читателите за 2021 година во категоријата деца и возрасни, најмлад и највозрасен читател, како и најчитаните домашни и странски автори и книги. На триесетина наши сограѓани Библиотеката ќе им додели благодарници за донираните книги во изминатиот период, изјави Јованоски.
Работното време на Библиотеката со читатели, според директорот, останува исто од понеделник до петок од 8:30 до 18:30 часот.
OhridNews