Потценети сме од централната, а не добиваме помош ниту од локалната власт, вели првиот човек на охридската библиотека, Тоде Илиевски.
– Потценети сме во однос на средствата за набавка на нова литература. Висината на средствата кои ни се доделуваат од страна на министерството за култура се еднакви како и оние кои им се доделуваат на најмалите библиотеки во земјава, а при тоа сме една од четирите национални установи. Според правилникот треба да располагаме со околу триесеттина вработени, но сега имаме едвај десеттина. Секако, поради недостигот од простор не постои ни можност за дополнително вработување од проста причина што нема услови каде тие да работаат, вели Илиевски и додава: – Имаме впечаток како сите да подзаборавија на нас и нашите потреби и буквално подолг период едвај опстојуваме, чекајќи надлежните да се сетат и помогнат проблемите конечно да се решат.
Илиевски потенцира дека не е важно на која политичка партија и припаѓа локалната власт или централната, но смета дека националната установа е од големо значење за градот и затоа е важно заедно, што поскоро да се изнајде решение за проблемите и конечно Охрид да може да се пофали дека има современа библиотека која функционира во нормални услови за работа.
Библиотеката функционира во простор од околу 250 метри квадратни. Тука се сместени и книгите и администрацијата. Не располага со читална, каде што читателите би можеле да читаат книги, а исто така тие немаат пристап за подетално и самостојно разгледување на книгите кои се на располагање, па позајмувањето се одвива исклучиво преку шалтерот, кој е поставен за таа намена.