Втора година со ред НУ- Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид“ го спроведе проектот „Читаме гласно и раскажуваме“ одобрен од Министерството за култура и е дел од Годишна програма за работа на установата.
Се работеше со деца од второ одделение кои според наставната програма веќе ја имаат совладано азбуката и од нив се бараше да научат добро да читаат, да прераскажуваат обработени и самостојно прочитани текстови, да раскажуваат вистински и измислени настани и доживувања. Целта беше да се работи со деца кои имаат тешкотии во читањето и да им го олесниме патот до стекнување поголеми знаења, информираат од Библиотеката.
Носител на проектот, потенцираат, е библиотекарката Бети Лазеска – Симоноска, а соработнички – библиотекарките Христина Трпеска и Весна Симоноска. Посочуват дека утре од 12.00 часот во Библиотеката ќе се одржи завршниот настан од проектот.
На децата – учесници од ООУ „Братство – Единство“, „Св. Климент Охридски“, „Христо Узунов“, „Григор Прличев“ и „Кочо Рацин“ ќе им бидат доделени дипломи, а познатата писателка и издавач Вера М Самарјанин од Битола ќе им врачи сликовници. Покрај сликовниците ќе биде промовиран и најновиот зборник „Песнопојност“ од Литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто. Промотор ќе биде д-р Виолета Ачковска, додаваат од Библиотеката.
OhridNews