Охридската библиотека на еден посебен начин го одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик заедно со учесниците и организаторите на фестивалот на детска песна „Распеано рибарче“, со песна и танц. Од Библиотеката посочуваат дека целта е да му се оддаде почит на минатото и да се покаже дека го знаеме и го цениме нашиот јазик на кој твориме и пееме и детски песни.
Во ризницата на „Распеаното рибарче“ се забележани над 500 песни со што трајно е збогатен фондот на детски песни отпеани на нашиот убав и чист македонски јазик, посочуваат.
Директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Милчо Јованоски, децата и нивните родители ги потсети на макотрпната и многу вековна борба на Македонците да го формираат својот мајчи македонски литературен јазик.
На 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. е озаконета македонската азбука. Генезата на македонскиот писмен јазик ја следиме уште од првите црковнословенски ракописи од X-XI век, кога се појавуваат првите типично македонски зборови, и тој развој го следиме низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век, истакна Јованоски.
Во XIX век, додаде, веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 г. Тој континуитет во развојот на македонскиот јазик е потврден на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 г., датум од огромно значење за нас – датум на кој македонскиот јазик за првпат и официјално станува службен јазик во една држава – македонската држава.
По официјализирањето, на 5 мај 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, азбука којашто исто така се надоврзува на претходната писмена традиција – црковнословенската кирилица, реформираната кирилица, т.н. граѓанка, како и графискиот систем што го користи Мисирков. На 7 јуни 1945 г. е усвоен и правописот на македонскиот јазик, а набргу потоа следуваат и основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик – и со тоа се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, рече Јованоски.
На присутните 80 учесници на јубилејното „Рибарче“ организаторите им ги врачија дипломите за учество, ЦД и песнарка од фестивалот како трајно сеќавање за нивниот ангажман со ветување дека македонската детска песна ќе се пее и догодина со дел од истите деца, но и со нови мелодии и изведувачи.
OhridNews