Охридското Езеро крие одговори на развојната еволуција на рибите, сметаат еминентни научници од светот. Според нив охридската белвица која е меѓу најстарите жители на езерото е алката  која недостига во еволуцијата на рибите од видот „Салмониди“.

Научниците се фасцинирани од  ендемичноста на Охридското Езеро каде до сега се пронајдени 260 видови прастари живи организми, кои не живеат во ниту едно друго природно езеро во светот. Се претпоставува дека дел од нив потекнуваат од периодот на постоење на Панонското море. Како толку стари организми се одржале во живот до денес, треба да одговорат истражувањата, што меѓународниот тим научници ќе ги отпочне во 2010 година. За таа цел деновиве во Охрид се одржа средба на научни експерти од повеќе области, на која беше формиран менаџерски тим кој треба да изврши подготовки за започнување на големиот истражувачки проект на Охридското Езеро.

Горан Момироски