Вечерва на Сараиште повторно ќе се слушаат звуците на староградскиот мелос. Охриѓани ќе уживаат во преубавите охридски староградски песни, за охридските убавици, за Деспина, Фросина, Антица…. Ансамблот „Билјана Јуниор“ ќе го одржи својот шести по ред концерт на ова преубаво катче во стариот дел од градот, посветен на нивниот другар и столб на ансамблот, прерано починатиот, Андреј Ламброски.

OhridNews: На задоволство на охриѓани уште еден концерт на Билјана Јуниор“ на Сараиште. Во кои песни присутните ќе можат овој пат да уживаат?

Јован Поп Стефанија: На традиционалниот годишен концерт на нашиот ансамбл што ќе се одржи под покровителство на Општина Охрид, заедно со нас ќе свират наши колеги, пријатели, кои ќе го збогатат овој настан. Ќе настапат познатиот македонски поп пејач Ристо Самарџиев и нашата долгогодишна соработничка и вокал на Ансамблот за народи песни и игри „Танец“, Мартина Костова. Оваа година концертот ќе биде во духот на Охридската Визита еден настан од секојдневниот живот во Охрид кој ние ќе се потрудиме да го пренесеме преку песна на сите присутни гости. Оваа година ќе се пејат песни за охридските убавици Деспина, Фросина, Билјана, Антица и ред други со цел во вистинско светло да се долови атмосферата на една Охридска Визита, како што е и насловен овој концерт.

OhridNews: Годинава концертот е посветен на еден Ваш другар, кој беше дел од „Билјана Јуниор“ од самиот почеток.

Ј.П.: Така, овој и сите следни јавни настапи ги посветуваме на Андреј Лаброски, човекот кој беше столб на овој ансамбл, сакајќи преку песната да му одадеме почит за се она што го остави зад себе, а воедно преку овој концерт сакаме да ја продолжиме и неговата мисија за зачувување на традицијата и музиката во нашиот град.

OhridNews: Почетоците ги направивте заедно со познатиот музичар, основачот на ансамблот „Билјана“, Кузман Поп Стефанија. Колку неговите совети ви помогнаа во понатамошниот успех на „Билјана Јуниор“?

Ј.П.: Овој концерт се одржува благодарение на неговата идеја за одржување на првиот концерт во 2012 година по повод 60 години од формирање на првиот ансамбл. Неговите зборови се основа за одржување и постоење на овој ансамбл. Како што викаше тој- со љубов кон музиката, искреност кон публиката и напорна работа успехот е загарантиран, и досега навистина е така.

OhridNews: На што сте особено горди од досега постигнатото?

Ј.П.: Тоа што сме го постигнале досега е мост за тоа што допрва доаѓа. Сме настапиле на сите манифестации во нашиов град, скоро на сите фестивали во Републикава. Зад нас, како лична карта стојат два носачи на звук и голем број задоволни гости на сите наши настапи.

OhridNews: Идни планови…

Ј.П.: Во иднина планираме да продолжиме со снимање на некои заборавени песни. Во најкратко време треба да излезат мелографските записи направени од Андреј Лаброски на сите 66 нумери снимени од нашите претходници.

Концертот на „Билјана Јуниор“ на Сараиште ќе почне во 20 часот.

Т. Кувенџиска