Делегација на општина Охрид, составена од заменик градоначалникот  Ангел Јанев и советниците Јадранка Василеска Здравеска  и Љупчо Настоски, беше во посета на збратимената општина Стар Град  во Сараево во Босна и Херцеговина.

На средбата со градоначалникот на општина Стар  Град, Ибрахим Хаџибајриќ, делегацијата разговараше  за формите за продлабочување на соработката  меѓу двете збратимени  општини.На средбата домаќинот Хаџибајриќ презентираше повеќе проекти, особено од делот  на заштита на културното наследство, област во која може да има размена на искуства и заедничко аплицирање пред европските фондови, информираат од локалната самоуправа.

Во рамки на посетата на делегацијата на општина Охрид на збратимената општина Стар Град  во Сараево, се одржа и туристичко промотивната манифестација „Охридска вечер“ . На промоцијата, на која присуствуваа претставници на туристички агенции и туроператори од Босна и Херцеговина, се разговарало и за начините за зголемување на бројот на  туристите од оваа држава кои би доаѓале во Охрид и Македонија.

Вршителот на должност, амбасадор на Република Македонија во Босна и Херцеговина, Драган Богданоски ги запознал гостите со субвенциите кои државата  ги дава за гостите од Босна и Херцеговина преку Агенцијата за подршка на туризмот како и со потребата  за воспоставување директни  авионски чартер летови  од аеродромите Сараево и Мостар кон Охрид и Скопје.

OhridNews