Охриѓани и туристите кои се љубители на традиционалните охридски специјалитети ќе можат да бидат дел од манифестацијата „Охридска софра“ која ќе се одржи во недела на 30-ти август во манастирскиот комплекс „Света Богородица“ во селото Скребатно. Организатор на овој промотивен настан кој има за цел да ја збогати туристичката понуда на Охрид е Охридската локална самоуправа.

-Оваа манифестација која се одржува трета година по ред, симболично претставува и завршување на летната туристичка сезона и е одлична можност за промоција на локалните традиционални специјалитети, со посебен осврт на ѓомлезето како еден од најпрепознатливите охридски специјалитети, кој е наделеку прочуен и е многу баран од страна на гостите и туристите во Охрид, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.

Според програмата, натпреварувачкиот дел за подготовка на ѓомлезе ќе стартува во 9 часот, а по дегустацијата од страна на жири комисијата, точно напладне ќе бидат прогласени трите најдобро подготвени ѓомлезиња. По прогласување на победниците ќе следува забавниот дел од манифестацијата за кој ќе биде задолжена Етно групата „Баклава“.

-До сега за натпреварувачкиот дел за подготовка на ѓомлезе има околу 15-тина пријавени учесници, но до недела очекуваме бројот да се зголеми. Интересно е тоа што оваа година имавме интерес односно имаме пријавени учесници и од други градови, што претставува доказ дека традиционалниот начин на подготовка на ѓомлезе е проширен и надвор од Охрид, вели Апостолов.

Тој најави дека во рамки на манифестацијата ќе има и излагање на традицинални охридски специјалитети подготвени од страна на студентите на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, кои ќе може да се дегустираат од страна на посетителите. Исто така свој штанд во рамки на промотивниот настан ќе има и Здружението на пчелари од Охрид, Кластерот „Еден“, Месната заедница и црковниот одбор на селото Скребатно и „Градинар“ од Охрид.

За сите заинтересирани граѓани кои сакаат да бидат дел од манифестацијата „Охридска софра“ општина Охрид има обезбедено бесплатен превоз во периодот 10 до 11 часот, со охридскиот превозник „Омега“. Почетната станица ќе биде кај „Мини Маркет“, а враќањето во Охрид ќе биде по завршување на манифестацијата по 14 часот.

Е.М