Вторник, 7 август, со почеток во 20 чаот, во кафе бар „Шила“ ќе се случи охридската промоција на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“, од авторите Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев.
Самото издание детално и документаристички го обработува творештвото на македонските стрип автори кои во текот на 80тите години на минатиот век работеле на стрип приказни за изданијата на легендарниот стрип издавач „Дневник“ од Нови Сад. Преку студиозна анализа и со лесен и разбирлив стил на пишување, како за стрип љубителите, така и за публиката која не е навлезена во стрип уметноста, оваа книга го дава на увид процесот на нивната работа, околностите во кои биле објавени конкретните стрипови, како и комплетни рецензии на истите, исто така збогатено со ексклузивни изјави од професионалците, уредниците и издавачите од тој период, а и од наши актуелни стрип автори.
Целта на ова издание е малку поголемо приближување на нашата сопствена стрип историја до читателската публика, да се добие увид во досега непознатиот дел од македонската стрип историја. Сметаме дека ова издание е од големо значење со оглед на тоа што книги на тема стрип се неверојатно ретка појава во македонската стрип традиција, уште повеќе што ова е само трета книга од ваков вид.
Воедно, авторите се надеваат дека ќе ја исполни можеби најважната цел – а тоа е разбудување на свеста дека македонската стрип култура има поголема традиција, историја и достигнувања отколку што можеби се мисли, па ова е и уште еден стимул за заживување на оваа неправедно маргинализирана гранка од нашата современа комерцијална уметност, како и поттик за понатамошни уште подетални истражувања и изданија од ваков вид.
OhridNews