Охридски навивачи на Јувентус инаку членови во фан-групата „бјанко-нери“ од Охрид со уште неколку навивачи од Македонија заедно го следеаа натпреварот во Германија меѓу нивниот клуб и Борусија Менхенгладбах во Лигата на шампиони.


Навивачите на Јуве од нашиот град имаат само позитивни впечатоци кои ги споделија со читателите на Ohridnews.

-Вторник (3 ноевмри), рано наутро. Десетчлената група од Скопје ‘полета’ за Дортмунд. Заминавме на патување исполнето со големи очекувања. За некои од нас се ближеше остварувањето на сонот, за прв пат од блиску да го бодриме нашиот Јуве. Поголемиот дел пак, веќе неколкупати претходно го имаа доживеано тоа чувство, но сепак не беа ништо помалку возбудени од нас ‘дебитантите’.


Најважен фактор за остварување на овој сон беше желбата. Втор, иако доста значаен, секако се парите. Прецизното планирање и организација секако ни одеше во прилог, што подразбира добра информираност, навремено резервирање на карта за превоз, сместување и обезбедување на најважното, светиот билет за влез на натпреварот. Со сето тоа, значително заштедивме како на финансиски план, така и на време и нерви.

Сите коцки беа подредени и со нетрпение се очекуваше пристигнувањето на трибина. Скопје – Дортмунд, Вестфален, Дилзелдорф со многуте пабови, Гелзеркирхен и Шалке Арена, за на крај долго очекуваниот Гладбах и Борусија Парк. Со химната на Лигата на шампионите се достигнува врвот на возбудата, морници по целото тело, но нема време за опуштање, следува важен натпревар за нашиот Јуве.


За момент бевме дел од фантастичната атмосфера која до пред некое време ја гледавме само пред тв екраните, а на неколку чекори од нас играат нашите ‘undici eroi’. Супер Џиџи на голот и одличниот волеј на Лихштајнер ги одбележаа нашите 90 минути кои засекогаш ќе ги паметиме. Се сплотивме во едно, заедно со ултрасите од Торино и голем број на фанови пристигнати како нас од многу други земји, пеевме во еден глас.

Спиење на аеродром, во воз, во кола, по бензиски и МекДоналдс. Одлична дружба, анегдоти и смеење до бескрај, многу пиво, гермаски колбас, по некое селфи и 90 минутну урлање за момците во розевиот дрес. Сè на сè, 48 часа исполнети со возбуда и доживувања.


Кога еднаш ќе се почувствува оваа авантура, се навикнуваш на овој стил на живот и тоа станува дел од тебе. Уште незавршена германската епизода веќе се кројат планови за нова, наредна трибина која мора да се освои. -раскажуваат охридските навивачи на Јувентус.

Ohridnews