На 5 и 6 мај, во хотел Метропол, Охрид, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) организира национална конференција посветена на улогата на новинарите истражувачи во известувањето за корупцијата во Македонија.
      
Главни теми на кои ќе дебатираат шеесетина новинари и претставници на државните и на јавните институции ќе бидат искуствата и проблемите со кои се соочуваат новинарите и медиумите кога известуваат за случаи на корупција; комуникацијата со изворите на информации,особено со институциите на државата; користењето на аудиовизуелен материјал направен од страна на медиумите како доказ во постапки против новинари пред суд, како и одговорноста на медиумите и на државните органи при емитување снимен материјал од  истражни акции на органите  за безбедност.

      
Се очекува учесниците на овој собир да донесат препораки со кои ќе се влијае врз зголемување на професионалната соработка помеѓу медиумите и државната/јавна администрација за постигнување подобри резултати во намалувањето на степенот на  корупција во Македонија.
       
Потврдено е учество на претставници од Владата на Македонија, од Царинската управа, Врховниот суд, Јавното обвинителство, од МВР, Државната комисија за спречување на корупцијата, од Дирекцијата за заштита на личните податоци, од Хелсиншкиот комитет, од повеќе министерства, адвокати и новинари од речиси сите релевантни медиуми во Македонија.
     
Конференцијата е дел од поголем проект на МИМ чија главна  чел е зголемување на економската и политичката транспарентност и одговорност во Македонија, кој се реализира во соработка со британскиот јавен сервис БиБиСи и со Британската амбасада во Скопје.

Г.М.