Финансиската полиција oсомничи Охридската фирма за финансиски криминал тежок 3.159.000 денари или приближно 50.000 евра.

Управителот на фирмата и сопственикот на Трговското друштво за производство, градежништво и трговија во текот на месец декември 2009 година со цел да се стекнат со противправна имотна корист, употребиле фалсификувана фактура со вклучен ДДВ за наводно извршена набавка на опрема за потребите на фирмата. Според податоците до кои дојде Финансиската полиција, пријавените лица за потребите на правниот субјект, на црно од извесно физичко лице од Струга, набавиле машина за производство на сокови за која немало соодветна документација.

Со цел машината да ја евидентираат во сметководствената евиденција на правниот субјект, а воедно и да заработат од повратот на ДДВ, пријавените во сметководството на фирмата употребиле фалсификувана фактура во износ од 20.709.000 денари со искажан ДДВ во износ од 3.159.000 денари од скопска фирма. Оваа фактура никогаш не е платена на наводниот издавач на истата, но затоа пак ДДВ-то во износ од 3.159.000 денари Охридската фирма неосновано си го наплатила од државниот буџет.

Финансиската полиција во текот на истрагата утврди дека од 2008 година година па се до денес, поради отсутност на сопственикот и управител на правниот субјект од Скопје, фирмата не вршела никаква дејност и нема изготвено ниту пак доставено никакви фактури спрема фирми од Република Македонија.

Поради оштетување на Буџетот на Република Македонија за износ од 3.159.000 денари, Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе соодветни кривични пријави за сторен финансиски криминал за соственикот и управителот на охридската фирма.

OhridNews