Долгогодишната напорна работа, стратешки пристап и организираната продажба на надалеку познатата охридска цреша (черешна) на земјоделците од регионот здружени во задругата „Охридска черешна“, ги отворија вратите на пребирливиот пазар во Дубаи. Деновивеве е испратена првата пробна пратка Охридска цреша во Дубаи.
Спакувана во специјална амбалажа за рекордно краток период од околу 10 часа, охридската цреша со авионски транспорт заврши на трпезите во Дубаи. Купивачите на нашиот овошен деликатес му дадоа високи оценки за квалитет, а веќе од следната година се очекува голем дел од производството на цреша од охридскиот регион да се пласира на овој пазар.
– Пред два – три дена првата пратка охридска черешна стигна на трпезите во Дубаи, односно стигна за ифтар во Дубаи. Среќни сме да кажеме дека квалитетот на црешата беше прифатен со задоволство од страна на купувачите во Дубаи што е најава за една многу плодна соработка во иднина, што охридскиот регион ја очекува со пласманот на пазарот во Дубаи и слични пазари во светот.-изјави Петар Спасески – член на задругата „Охридска черешна“.
Петар Спасески
Спасески вели дека отворањето на пазарот во Дубаи е голем предизвик, и дека на охридските земјоделци сега е да одговорат на строгите барања со квалитет и стандард.
–Прво и основно за земјоделците од охридскиот регион е дека согласно критериумите на овие пазари треба да го прилагодиме нашето производство да биде со врвен квалитет. Ако успееме да постигнеме воедначено и квалитетно производство на охридската черешна, сите светски пазари ќе бидат отворени за овој регион и тука е шансата за проектот „Охридска черешна“. – додава Спасески.
За таа цел во тек е осовременување на технолошкиот процес за софистицирано селектирање и складирање на црешата, кој ќе биде комплетиран наредната година. Следниот предизвик е зголемување на производството.
– Прецизни информации за производството на цреша во нашиот регион нема, но од согледувањата на трговците, Охридскиот регион заедно со Требеништа и Мешеишта годишно произведува од 400 до 500 тони цреша. Но многу е важно да разбереме дека без илјада тони производство на годишно ниво како регион нема да бидеме интересни на светските пазари. Ние можеме и пет пати повеќе, но исто така многу е важно младите да го разберат овој бизнис и да не се штедат во работењето.- вели Спасески.
Спасески идејата за одгледување Охридска цреша внимателно ја разработувал една деценија пред да ја засади во својата бавча. Истражувал по целиот свет и дошол до сознание дека две места на планетата се најповолни за одледување цреша, Ерусалим и Охрид! Вели дека охридското поднебје има големи предности кои треба да се искористат.
-Охридската черешна е една од најквалитетните во светот. Компаративните предности на охридското поднебје е прв услов, традицијата и знаењето се исто така голема предност што треба да ја искористиме, а посебно времето на созревање и берба во почетокот на јули, кое е вистинското време за продажба на цреша.- објаснува Спасески.
Спасески со организираното производство на охридска цреша започнал пред околу 11 години на површина од еден хектар во атарот на село Лескоец Истакнува дека во последните 5-6 години во охридско се омасови производството на цреши на нискостеблести подлоги, а насадите постојано се зголемуваат. Негова најголема желба е во охридско црешата да се одгледува на 1000 хектари, па затоа и го осмислил проектот „1000 хектари за 1000 среќни семејства“.
-Со одгледување цреша на површина од еден хектар, со ефективна работа од 60 дена се обезбедува месечна плата од 1000 евра во текот на целата година. Тоа е минимално загарантирана добивка, но полињата во охридско стојат необработени. За жал младите не се зафаќаат со оваа работа, дали им изгледа тешко или неизвесно не знам.-рече Спасески.
Цреши во бавчата на Спасески збираат сите, од најмладо до најстаро
Бербата на цреша во охридскиот регион е во полн ек. Иако оваа година временските услови не беа најпогодни, а родот помал, Охридската цреша и натаму добро се продава. Најповеќе таа се извезува во Русија и Европа, а со отворањето на пазарот во Дубаи се отвораат и поголеми можности за развој на овоштарството во охридскиот регион.
Горан Момироски