Измамата од 4,9 милјарди евра во „Сосиете Женерал“ нема да влијае врз работата на „Охридска банка“ соопшти банката по објавувањето на скандалот што ја потресе светски познатата финсиска групација.

„Охридска банка“ од неодамна е дел од  групацијата „Сосиете Женерал“ која го откупи управувачкиот пакет акции во оваа реномирана македонска банка.

„Банката не е на ниту еден начин засегната од оваа состојба која не ја предизвикува нејзината профитабилност или континуитет на нејзината развојна стратегија на македонскиот пазар“, се вели во соопштението од „Охридска банка“.

„Сосиете Женерал“, вчера објави дека е жртва на измама од 4,9 милијарди евра предизвикана од нелегални активности на службеник на финансискиот пазар. Групацијата „Сосиете Женерал“ за 2007 ќе оствари нето добивка, велат од банката која најави санација на штетите од проневерата.

Од Охридска банка уверуваат дека финансиската сигурност на групацијата „Сосите Женерал“ не е нарушена и дека банката со своите перформанси ќе ги елиминира негативните ефекти од овој настан без никакви потешкотии.

„Сосиете женерал“ измамата ја открила во текот на изминатиот викенд, за која се тврди дека е изолиран случај. Стотина акционери на францускиот банкарски гигант „Сосиете женерал“ вчера  поднесоа жалба со барање за обештетување, откако беше соопштена веста за големата финансиска измама во банката.

Претходно управата на банката соопшти дека ќе мора да биде признаена загуба од две милијарди евра, последица од изложеноста на банката на кризата на хипотекарниот пазар во САД. Банката соопшти дека ќе го намали профитот остварен во 2007 година на 600 до 800 милиони евра, од 5,2-те милијарди евра остварени во 2006.

Г. Момироски