Охридската збирка на монети, во сопственост на Охридска банка – Групација Сосиете женерал груп е национално богатство, и таа нема да се отуѓува или продава, изјави првиот генерален директор на банката Бернард Коениг, на средба со новинарите.
Збирката е сопственост на Македонија и ќе остане во Македонија. Таа и понатаму по пат на откупи ќе се збогатува и не станува никаков збор за какво било нејзино отуѓување, рече Коениг.
Збирката монети ќе биде отворена за јавност, пред се за средношколците и студентите кои ќе може да ја посетуват, но само по претходна најава, поради безбедносни причини, рече Коенинг.
Првиот директор на Охридска-Групација Сосиете женерал, рече дека банката нема намера да ја изнесува збирката надвор од Македонија, освен во склоп на културна промоција на државата и согласно законите за заштита на културно историското богатство.
Од извонредно значајната нумизматичка збирка на Охридска банка
Нумизматичката збирка на Охридска банка-Групација Сосиете женерал се состои од 2500 монети кои датираат од 6. век п.н.е. па се до 14. век. Дел од нив, 1600 се изложени во експозитурата на Охридска банка во Старата охридска чаршија, а другите 900 се чуваат во трезорот на банката. Истата беше дел од купопродажниот договор при преземањето на Охридска од страна на Сосиете, на што реагираше дел од стручната јавност. Таквите стравувања според менаџментот на банката се неосновани.
Нумизматичката збирка на Охридска ќе биде отворена за јавноста
Покрај отворањето на нумизматичката поставка за јавност, Охридска најави дека на националните институции од областа на културата ќе им бидат подарени бесплатни примероци од Монографијата „Монети од колекцијата на Охридска банка“, што беше издадена минатата година.
Г. Момироски