Охридска банка, Societe Generale Group е четврта банка во Македонија, истакна Жан-Луј Матеи, директор на меѓународната мрежа на Societe Generale Group, на вчерашната средба со Премиерот Никола Груевски и Вицепремиерот и Министер за финансии, Зоран Ставрески.

– Заинтересирани сме за развојот на Македонија како земја. Во изминатиот период банката забележа значителен прогрес. Во меѓувреме имлементиравме бизнис модел кој генерално се применува во сите банки. За Охридска банка не може да кажеме дека е унифицирана по тој модел, затоа што секогаш ги почитуваме и локалните стандарди, што значи дека таа е пред се македонска банка, рече Матеи.

Тој истакна дека се развиваат паралелно на подрачјето на двата пазарни сегменти, односно население и правни субјекти.
– Очекуваме менаџери од Охридска банка од Македонија во иднина да преминат на позиции во банки надвор од земјава, каде е присутна Societe Generale Group, додаде Матеи.

Министерот Ставрески рече дека Societe Generale Group по доаѓањето во Македонија успеала да добие дел од кредитниот пазар и да го удвои бројот на вработени.

– Банката успеа да го зголеми бројот на експозитури и што е најважно да донесе знаење  и професионални стандарди кои му беа потребни на македонскиот банкарски систем. Верувам дека ќе успееме да реализираме доста од проектите кои се во заеднички интерес за македонската економија, изјави вицепремиерот Ставрески.

На вчерашната средба присуствуваше и Јитка Пантучкова од Република Чешка, која од почетокот на следната година ќе ја заземе функцијата претседател на Управниот одбор на Охридска банка.

Ohridnews