Охрид може да биде горд на својот сограѓанин, Мишко Танески, кој на листата планинарски подвизи неодамна го придодаде и врвот Ајланд Пик на Хималаите. После напорен пат Танески викендов се врати во Охрид. Полн со впечатоци од авантурата на највисокиот планински масив во светот, Мишко ја раскажува приказната за Ајланд Пик.

– Искачувањето на врвот траеше 17 дена. Дополнителна отежнувачка околност беше што патот до Ајланд Пик води низ патеки кои се искачуваат со алпинистички стил, но чувството од постигнатиот успех е посилно од се, вели триесет и осум годишниот Мишко Танески.


Експедицијата на Танески на Хималаи

На покривот на светот погледот е единствен – фасцинантен, продолжува Танески.

– Од Ајланд Пик се гледаат пет од деветте врвови на Хималаи, меѓу кои и Монт Еверест – дестинација која ја планирам како круна на својата планинарска кариера, додава Танески.


Поглед кон врвот на светот

Ајланд Пик кој покрај Мишко го освоија уште тројца Македонци кои беа дел од експедицијата на Хималаи, е извонредно второ место, вели охридскиот планинар.  Времето ги послужило планинарите кои ги галело сонце на подносливи за Хималаите – 20 степени Целзиусови. На врвот Мишко Танески ги разви македонското и знамето на Охрид, а на покривот на светот со него стигна и “Ohridnews“.


“Ohridnews“ со Мишко Танески на покривот на светот

По искачувањето на Хималаи Мишко ќе одмара само една недела, по што ќе ги започне подготовките за освојувањето на врвот Аконкагва на Андите. Во експедицијата покрај охридскиот планинар ќе бидат уште тројца Македонци: Никола Петров, Мине Павлов и Билјана Серафимовска.

Г.М.