Пофалби, но и добронамерни критики – пристигнаа од читателите кои ги запрашавме: Што мислат за досегашниот развој на првиот електронски весник во Охрид.

Дејан Пановски – Билатерален секратаријат за заштита на Охридското Езеро и советник:

OhridNews полека, но сигурно стана охридски бренд во информирањето. Веројатно обидот веста да биде пренесена брзо , течно без премногу авторски забелешки , остава слика на доверба кај граѓаните, затоа што веста не е обременета со наметнување на ставови . Тука го гледам развојот на овој медиум. Сепак, сметам дека чекор напред би било отворање на интерактивен форум за граѓаните кои тука би споделиле мислења и дискусии за одредени актуелни теми. 

.Д- р Томислав Тунтев – доктор на сообраќајни науки и советник:

Вршам селекција, се обидувам да земам информација од медиуми кои ми ја даваат веста без да ми сугерираат што треба да мислам за настанот.

Зоран Велјаноски – Летра, директор на Управниот одбор на НУ фестивал Охридско лето:

OhridNews за мене е еден од најобјективните медиуми кај нас. Секако со развојот и текот на годините што поминуваат, прерасна во медиум во кој секој може да си го пронајде своето читателско катче. Посакувам и понатаму да Ве води честа и моралните вредности на професијата што ја вршите.

М- р Кристина Патчева, докторант по англиска книжевност, Дрезден – Германија:

OhridNews го читам секој ден кога сум надвор од Македонија. Информациите сметам дека се објективни. Недостасуваат можеби повеќе интервјуа, истражувачки стории и повеќе информации за културниот живот во градот. Го сметам OhridNews за сериозен информатор и така треба да остане.

Анета Јованоска- активист во општинскиот Црвен крст:

OhridNews како прв електронски информатор , на мое големо задоволство сеуште го има приматот на најчитан, најбрз, најточен и најкоректен локален електронски весник. Но, не само локален, бидејќи добиваме информации како на национално, така и на светско ниво. Ви го честитам роденденот и посакувам да се развиваме заедно.

Д- р Сашо Василески, специјалист интернист:

Работниот ден ми започнува околу 6 часот и 30 минути наутро и по прегледување на мејловите го отворам OhridNews, тоа ми е како утринско кафе- навика. Од самиот почеток за мене сте реален барометар на дневните вести, апсолутно професионални и без трошка пристрасност. Продолжете како и до сега- информирајте навремено, а ние сме тука да ве читаме и анализираме.  

Д- р Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и претседател на општинската организација на Црвениот крст- Охрид:

– OhridNews е еден од интернет порталите кои најчесто ги отварам и навистина е задоволство што напредокот на овој портал од почетокот до денес е евидентен и многу позитивен.

Д- р Сашо Коруноски, декан на Факултетот за туризам и угостителство:

Секојдневно го читам порталот OhridNews, пред се поради тоа што сметам дека ги покрива буквално сите случувања во градот. Информациите кои ги пласира се непристрасни и коректни, затоа и не минува ден, а да не отворам минимум еднаш OhridNews.  

Тоде Илиевски- директор на НУ библиотека Григор Прличев:

Се радувам на електронските медиуми. Можеби е веќе навика што јас секое утро прво го отварам OhridNews. Веројатно од причина што му верувам на порталот и неговите намери да направи објективно информирање. Реагираше во многу значајни и судбоносни моменти за нашиот град и републиката и сакам и натаму да му верувам и бидам дел од оние кои ќе го читаат.

Нина Кепеска-новинарка на А1 ТВ:
   

Мало дете кое рано застанало и стои цврсто на нозе, и уште во младоста изградило особини на ажурност, постојаност, доверба и  сериозност. Така го доживувам “OhridNews”, кој како прва ластовичка меѓу  електронските весници кај нас, покажа и докажа дека со стрпливост, упорност, професионалност и коректност може да се обезбеди достоинствено место под кревкото и затемнето Македонско медиумско небо. За 4-тиот роденден на весникот и екипата што го води, им посакувам многу трпение, смиреност, храброст и сила да опстојат на патот што го трасираа, и да бидат предводници на напредните идеи во Охрид. Мојот  предлог за овој роденден е петгодишнината да ја збогатите со една новина. Покрај ставовите, колумните и анкетите на јавното мислење, сметам дека времето во кое едвај преживуваат моралните вредности, етиката, професионалноста и квалитетот, од Вас и од Нас бара навремена и темелна интелектуална дебата со борба ма мислења кога ќе се појават важни прашања, теми и проблеми за Охрид и неговите граѓани. Најдете начин да го мобилизирате и поттикнете јавното мислење и да го разбудите заспаниот интелектуален потенцијал во градот, кој треба да е свесен дека прогресивната сила на општеството е во граѓанското мислење, критика и бунт. Премногу има материјал за анализа што чека на движечката машинерија на умот и разумот на Охриѓани. “OhridNews” е на потег ! Нека се множат успешните години вредни за помнење …

                    OhridNews