Со настапот на Ансамблот „Македонија“ и Академското КУД „Бранко Крсмановиќ“ од Србија, синоќа започна 60 јубилејно издание на Балканскиот фетивал на народни песни и игри. Шеесет годишната културна манифестација, препознаена и призната од УНЕСКО, на која продефилирале над 60 илјади уметници, во наредните четири фестивалски вечери, низ играта и песната ќе ги шири универзалните вредности на фолклорот и интеркултурното разбирање на различните балкански народи.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Собранието Талат Џафери.

-Славењето на уметноста и артистичкото изразување, се најубавиот начин на дипломатија и промоција на секоја држава, на секоја нација, а несомнена вистина е дека секоја земја, секој народ, секој уметник – поединец има што да понуди, покаже и со тоа го привлече нашето внимание и заслужи нашата почит. Затоа, Собранието на Република Северна Македонија, како претставнички дом на сите граѓани на нашата преубава земја кои се од различно етничко потекло, има огромна почит кон оваа манифестација која овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот и пошироко. Да се раскажува историјата и да се промовираат културните карактеристики преку музиката, песните и играта е голема умешност и за нас претставува голема чест што сме покровители на ваков традиционален културен настан. – рече Џафери.

Од името на градот домаќин, учесниците ги поздрави градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.

-Балканскиот фестивал на народни песни и игри е нашиот вечен трезор во кого грижливо се чуваат богатствата на песнопојната и играорната традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи. Тие, фолклорни реткости со генерации се пренесувале од колено на колено, се преплетувале и надополнувале и правеле вистински филиграни кои им одолевале и им оддолеваат на сите притисоци на современото живеење. Убеден сум дека фолклорните ансамбли за гостите ќе приредат незаборавни моменти, а фолклорните уметници ќе понесат со себе, барем мал дел од магијата на вечниот Охрид. – рече градоначалникот Георгиески.

На отворањето на фестивалот пригодна реш имаше и директорот на Националната установа центар за култура „Григор Прличев“, која е организатор на најстариот и најпознат фолклорен фестивал на овие простори.

По повод 60-годишниот јубилеј на „Балканскиот фестивал“, вчера беше промовирана Монографија, чиј автор е новинарот Милчо Јованоски.

Се решив, како автор да побегнам од шаблонот за правење монографии во кои има само фактографија и фотографии а недостигаат емоциите на луѓето и тоа не само на учесниците, затоа што секогаш тие биле на пиедесталот , туку, во случајов на оние кои низ годините растеа и созреваа со и за Фестивалот.Се трудев да вметнам релевантни и проверени информации да ги забележам сеќавањата на оние кои го градеа и градат Балкански. – рече авторот на Монографијата.

Монографијата содржи и 28 искажувања наречени Балканска фолклорна приказна, сеќавата на и за Милорад Душаниќ, Славко Упевче, Васко Ташковски, Љубомир Јакимовски, Драгица Силјаноска, Људмил Видически – Буде, Димче Трајчески, Михаил Мишев – Мише, Драгана Боцеска, Ружица Наумоска, Стрезо Стаматоски, Бошко Тренески, Зоран Тодороски, Владимир Јанески, Јоне Ефтимоски, Зоран Левески, Илче Климоски, Татјана Узуноска – Тренеска и моите драги колеги Захаринка Милосављевиќ, Марија Велковска, Весна Атанасовска Вучиќ, Лејла Гогова, Сашо Нелоски, Мирјана Мијалкова, Симон Илиески, Веле Митаноски и Каролина Петковска, нивните извештаи стигаа далеку преку етерот и ја ширеа вистината и убавината на фестивалот. Секој од нив во своите приказни фрла зрак светлина и на други луѓе кои биле или се се’ уште дел од Балкански.

Дека се работи за исклучително значајна манифестација, говори и фактот што јубилејното издание на „Балканскиот фестивал“ најде место и на страниците на медиумите во соседна Бугарија, иако во овие турболентни времиња односите помеѓу двете држави можеби никогаш не биле на толку ниско ниво.

Бугарската агенција „БТА“ објави вест за јубилејот на „Балкански фестивал“

На годинешното јубилејно издание, ќе настапат културно уметнички друштва и ансамбли од Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

OhridNews