Со молебен што се одржа попладнево во Св. Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник во Охрид започна централната прослава на јубилејот 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија, чија наследничка е Македонската православна црква.
-Денес Македонија, македонскиот народ, но и Балканот празнуваат заедно со нас, затоа што ова е голем настан, кој пред се е национална гордост и радост. Денес нашата црква одбележува еден цел милениум на постоење, тоа се векови, денови на многу искушенија во кои нашиот народ созревал заедно со својата црква којашто веќе еден милениум е духовно суверена. – изјави Даријан Сотировски претседател на Комисијата за верски заедници.
– Oва е еден величенствен настан којшто ни се случува оваа година во Охрид. Сеќни сме што ние како генерација имаме можност да го чествуваме јубилејот 1000 години од постоењето на Охридската Архиепископија. – рече градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.
На чествувањата на милениумсииот јубилеј на Охридската Архиепископија забалежавме претставници на дипломатскиот кор во земјата, министри и други функционери, но како што и се очекуваше засега нема претставници на останатите православни цркви, иако како беше кажано, сите тие биле поканети во Охрид.
-Наше е да испратиме покана и да изразиме гостопримство, затоа што дарот на гостопримството всушност е една од доблестите со која треба да се одлИкува секој православен христијанин. Којшто ќе се одзве е добредојден, којшто нема да се одзве ние пак ќе го љубиме без разлика која е неговата причина. – изјави отец Бобан Митевски од МПЦ.
Инаку, како што објавивме, дел од научната јавност изрази несогласување со одбележување на јубилејот, истакнувајќи дека тој нема врска со древната Охридска Архиепископија. Историчарот на уметност и научен истражувач Гоце Ангеличин Жура изнесе тврдење дека одбележувањето на овој јубилеј не соодветствува со историските факти и ги доведува во прашање постоењето на Самуиловата држава и наследството од Јустинијана Прима.
– Црквата во Република Македонија има континуитет уште од апостолско време, но е востановена како Архиепископија 1018 година и годинава се одбележува еден цел милениум од постоењето во ранг на Архиепископија. – истакна претседателот на комисијата за верски заедници Даријан Сорировски.
Централното чествување на 1000 години постоење на ОА ќе биде заокружено со свечена академија која се одржува во храмот Св. Софија, на која покрај црковните великодостојници присуствува и државниот врв.
Г.М.